Бизнис вести

ТАВ Македонија се подготвува за отворање на аеродормите во Скопје и во Охрид

Ефектите од корона кризата во авиосообраќајот ќе продолжат да се чувствуваат до крајот на годината. И по повторното отворање на аеродромите авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на претходните години, бидејќи луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од повторно ширење на болеста

четврток, 07 мај 2020

ТАВ Македонија се подготвува за отворање на аеродормите во државава, во исчекување на точен датум и одлука од надлежните институции кои, пак, се во координација со меѓународните воздухопловни власти каде се во тек активности за наоѓање најсоодветни унифицирани решенија за одвивањето на авионскиот превоз на патници.

Официјална информација од Владата и надлежните воздухопловни тела чекаат и авиокомпаниите за да можат да ги потврдат нивните планирани рути од Скопје и од Охрид.

Дестинациите и фреквенцијата на летови годинава ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот се значително погодени од кризата со вирусот Ковид-19. И по повторното отворање на аеродромите, авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи, луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од повторно ширење на болеста. Со оглед на рецесијата која се очекува, што ќе влијае на стандардот на луѓето, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем. Само во март, по затворањето на двата аеродрома, концесионерот регистрира намалување на патниците за 55 проценти, во споредба со март лани.

„Да, ние се подготвуваме за реотворањето на двата аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот ’Св. Апостол Павле’ во Охрид и покрај тоа што во овој момент сè уште не го знаеме точниот датум, бидејќи чекаме официјална информација од Владата. Како што знаете, вонредната состојба трае до 16. мај, но, во овој момент не знаеме дали и границите и аеродромите ќе бидат отворени веднаш после овој период. Ние сме подготвени и се надеваме на поскоро почнување со работа. Веднаш штом добиеме официјална информација ќе ја информираме јавноста, патниците, споделувајќи ги сите важни информации со нив, во врска со идните патувања“, изјави за МИА Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во однос на тоа како ќе се одвива нормализирањето на авиосообраќајот, почитувањето на мерките за превенција од вирусот и што тоа ќе значи за патниците, Ерсој вели дека ТАВ Македонија ги следи меѓународните искуства, препораки и упатства за враќањето на аеродромските операции по Ковид-19, како и националните прописи во цивилното воздухопловство и оти ќе ги имплементира во делот на своите надлежности.

„Согласно моменталните мерки на аеродромите кои сè уште се отворени и дискусиите на експертите – хигиенските мерки кои веќе ги применуваме ќе бидат интензивирани, а мерки на социјално дистанцирање ќе бидат имплементирани во текот на целиот процес на патување на еден патник“, вели Ерсој.

На двата македонски аеродрома ТАВ Македонија бележеше постојан двоцифрен пораст на бројот на патници во изминатите 10 години.

„И покрај исклучително тешката состојба во која наеднаш се најдовме, која практично значеше запирање на нашите приходи, се трудиме да го одржиме бизнисот и да ги задржиме сите работни места. Најголемиот дел од нашите вработени, чии задачи се од административна природа, работат од дома, а само одреден број колеги со оперативни работни позиции, кои е неопходно да бидат на работното место на Меѓународниот аеродром Скопје за да ги опслужуваат карго-летовите и хуманитарните летови за враќање на македонските граѓани во земјата, одат на работа во смени. Се надеваме дека наскоро патувањата со авион ќе бидат можни, ситуацијата полека ќе се нормализира и сите ќе се вратиме на работните места во нашите канцеларии“, наведува генералниот директор на ТАВ Македонија.

Во аеродромскиот бизнис летниот распоред на летање почнува на крајот на март и завршува во октомври, така што, појаснува Ерсој, моментално сме во т.н. летна сезона на летање. Редовниот распоред на летови за летната сезона 2020, кој беше планиран, почна брзо да се менува како што зафати кризата со коронавирусот. Авиокомпаниите од ден на ден, од час во час, го намалуваа бројот на летови или откажуваа летови кон одредени дестинации, зависно од тоа што се случуваше во тие држави, поврзано со коронавирус кризата, а на крајот Владата ги затвори аеродромите.
Според Ерсој, и по повторното отворање на аеродромите авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од повторно ширење на болеста.

„Така, ефектите од корона кризата во авиосообраќајот ќе продолжат да се чувствуваат до крајот на годината. Се надеваме дека штом летовите почнат, со зголемена хигиена и претплазливост од страна на сите нас, како и почитување на мерките за лична заштитна опрема, довербата во авиосообраќајот како најсигурен вид на превоз, со текот на времето ќе се врати. Сепак, со оглед на рецесијата која се очекува, која што ќе влијае на стандардот на луѓето, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем“, оценува Ерсој.

Со одлука на Владата како мерка за спречување на ширењето на вирусот Ковид 19, од 15 март на полноќ е затворен аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а од 18 март на полноќ и Меѓународниот аеродром Скопје.

Министерството за транспорт и врски на почетокот на месецов апелираше до граѓаните да се воздржат од резервации и купување авиобилети со оглед дека одлуката за затворање на аеродормите во Скопје и во Охрид е сè уште во сила.

Пренесено од МИА

 

Содржината е прочитана 803 пати.