Бизнис вести

ЕУ пред длабока рецесија, се прогнозира пад на економијата од 7,4 проценти

Според „Њујорк тајмс“ во Грција економијата ќе падне за 9,7 отсто, а економиите на Италија и Шпанија ќе забележат пад од над девет отсто

четврток, 07 мај 2020

Економијата на Европската унија ќе забележи пад од 7,4 проценти оваа година, за разлика од првичните проценки за раст од 1,2 отсто. Според најновата проекција на Европската комисија, како последица на пандемијата со коронавирусот, ќе расте невработеноста која годинава ќе достигне девет проценти, а ќе се намали обемот на инвестициите и нагло ќе се зголемат долговите и дефицитите.

Во најтешката рецесија досега, која беше забележана во 2009 година поради светската финансиска криза, економијата на ЕУ забележа пад од 4,5 проценти.

Но, според „Њујорк тајмс“ засега не е можно да се определат вистинските размери на рецесијата и можно е ситуацијата да биде и полоша од прогнозите.

„Постои вистинска опасност од подлабока и подолготрајна рецесија“, вели шефот на економскиот тим на Европската комисија во предговорот на извештајот за економската прогноза за оваа година, објавен вчера.

Според прогнозата, од земјите членки на ЕУ со најтешки последици ќе се соочи Грција со опаѓање на економијата за 9,7 отсто и невработеност од дури 19,9 проценти, додека економиите на Италија и Шпанија, државите кои се најтешко погодени од Ковид-19, ќе забележат пад од над девет проценти. Француската економија ќе падне за 8,5 проценти, а последици ќе има и Германија, чија економија годинава ќе забележи пад од 6,5 отсто.
 

Содржината е прочитана 142 пати.