Бизнис вести

Досега поднесени 19.000 апликации за мерката 14.500 денари

Крајниот рок за барање финансиска поддршка за исплата на минимална плата е утре, четврток до 24 часот

среда, 06 мај 2020

Над 19.000 фирми заклучно со денеска доставиле барања до УЈП за користење на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите во висина од 14.500 денари. Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска ги повика компаниите до утре до 24 часот кога истекува рокот за пријавување, да аплицираат за мерката за поддршка на платите за април и мај, истакнувајќи дека очекува да се зголеми бројот на компании кои ќе поднесат апликации.

Според Бектеши, со оваа мерка се обезбедува континуитет на работните процеси и се обезбедува основа за исплата на плати и придонеси, при што се создаваат сериозни услови за да се сочуваат работните места.

На денешната прес-конференција тој информираше за последните мерки и програми во насока на надминување на кризата наметната со коронавирусот.

„Во последните два месеци како резултат на негативните последици врз економијата поврзани со пандемијата од Ковид-19, Владата донесе низа мерки за поддршка на најпогодените компании и за најзагрозените граѓани. Тие се фокусирани за да ги дадат најдобрите резултати во економијата, а тоа го покажува големиот интерес од страна на компаниите и граѓаните за нивно користење“, рече Бектеши.
 

Содржината е прочитана 195 пати.