Бизнис вести

Битиќи: „До сега се поднесени 12.480 барања за мерката 14.500 денари“

Фирмите имаат рок до четврток - 7 мај до 24 часот да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на минимална плата

вторник, 05 мај 2020

Досега се поднесени 12.480 барања за мерката за финансиска поддршка за исплата на минимална плата од 14.500 денари. Со оглед дека крајниот рок за доставување апликации е 7 мај, се очекува овој број да биде значително поголем.

Специјалниот советник на премиерот, Фатмир Битиќи на денешната прес-конференција ги повика фирмите да ја искористат можноста и до крајниот рок - четврток до 24 часот да ги поднесат бараните документи до УЈП по електронски пат.

Тој ги демантираше тврдењата на опозицијата дека 100.000 луѓе останале без работа во овој кризен период појаснувајќи дека според податоците на надлежните институции бројот на невработени во март се зголемил за 2.000 лица и уште за нови 7.000 во април.

„Уредбата за финансиска поддршка за исплата на платите овозможи компаниите коишто од 11 март до крајот на април отпуштиле одреден број работници сега да можат да ги вратат и на тој начин да ги искористат придобивките од оваа мерка. Тоа им дава голема шанса на работниците што во првиот налет на кризата ги изгубија работните места повторно да се вратат на нивните работни позиции“, рече Битиќи.

Притоа тој ја истакна големата заинтересираност кај фирмите за двете кредитни линии „Ковид 1“ и „Ковид 2“ кои се пласираат преку Развојната банка во вкупен износ од 13,7 милиони евра. За првата кредитна линија за која рокот за аплицирање е завршен, одобрени се 631 бескаматни кредити за фирми со вкупно 5.558 вработени. За „Ковид 2“ рокот запријавување е 13 мај, а до вчера биле поднесени вкупно 1.260 барања.

Битиќи исто така најави дека наскоро преку комерцијалните банки ќе биде достапна уште една кредитна линија во износ од 51 милион евра, под исклучително поволни услови.
 

Содржината е прочитана 133 пати.