Бизнис вести

СКМ: Да ѝ помогнеме на македонската економија за доброто на сите нас

Стопанската комора на Македонија двапати неделно ќе ги презентира своите ставови и предлози за тоа каде треба да се насочат напорите за да се излезе од кризата со што е можно помали последици. Кратките обраќања на Комората ќе содржат четири важни компоненти: бројки на денот, коментар на денот, споредба на денот и став

вторник, 05 мај 2020

Стопанската комора на Македонија (СКМ) донесe одлука од денеска да го промени форматот на обраќањата на Комората кон македонската јавност и кон граѓаните кои со внимание го следат сето она што во изминатиов период и се случува на државата, особено во економската сфера, сподели м-р Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија. Барем два пати во неделата ќе има прес конференции кои ќе бидат отворени за средствата за јавно информирање, а преку нив Комората ќе ги испраќа своите ставови кои сакаат да допрат до граѓаните.

„Од денес сакаме полека да изградиме директен линк кон средствата за јавно информирање и кон целокупната македонска јавност, со цел непосредно директно да размениме ставови, мислења, дилеми и евентуални предлози за тоа што е тоа што во моментов и е потребно на нашата економија и каде мислиме дека таа треба да ги насочи своите напори со цел од кризата да излеземе со што е можно помали последици и нормализацијата на целокупниот живот во државата да се случи во што е можно пократок период“, вели Пешев.

Кратките обраќања на Комората ќе содржат четири важни компоненти
– бројки на денот
– коментар на денот
– споредба на денот
– наш став

„Бројки на денот, зошто цениме дека економија е егзактна наука во која бројките се се. Коментар на денот, бидејќи цениме дека некои коментари за добро или лошо мора да бидат апострофирани и запамeтени, за да не кажуваме дека не биле кажани. Споредба на денот, која ја правиме со нашите партнери во Коморскиот инвестициски форум, за да знаеме каде земјите во регионот се наоѓаат во моментот. И, наш став, затоа што ние во Комората, сепак, имаме ставови до кои држиме и за кои се бориме“, вели Пешев.

А, бројките на денот кои денес се базирани на анкетите на Комората и директните контакти на претседателот Бранко Азески на дневна основа со сите потпретседатели на Kомората, покажуваат дека 71 процент од членките и покрај сите горе наведени слабости засега не најавуваат затворање на компаниите.

Коментарот на денот е изјавата на Азески дека државата ќе се соочи со два големи проблема во периодот што ни следи, а тоа се:
- сите наши согледувања говорат дека има голема веројатност нашите членки во текот на месец мај да се соочат со проблемот на ликвидност во кој свој удел може да има и Владата
- заради најавените прекини на голем дел од договорите, извозот на државата се наоѓа во многу проблематична состојба

Споредбата на денот вели дека во април во земјава се регистрирани 7.030 нови невработени според евиденцијата на Агенцијата за вработување, што е идентично и со бројките во Косово. Во Србија од почетокот на кризата работата до сега ја изгубиле околу 6.047 вработени, додека според податоците на Даночната управа на Албанија, тој број изнесува 61.000 работници кои ја изгубиле работата како резултат на корона кризата.

И, на крајот, Стопанската комора на Македонија како репрезент на најголем број на економските субјекти во републиката, на истекот на вториот месец од воведувањето на вонредната состојба која настана заради пандемијата на Ковид-19, мора да констатира дека:
- македонската економија веќе втор месец функционира во исклучително тешки околности, а се потпира на своите сопствени резерви;
- владините мерки и покрај најдобрата волја и намера на Владата се комплицирани и тешко достапни до значаен дел од нашите членки;
- мора да констатираме дека мерките се фокусирани доминантно на правата на работниците, за што имаме разбирање заради сензитивноста на положбата во која се најдоа најголемиот број граѓани уплашени за своето здравје, за судбината на нивните работни места, за иднината на нивните семејства;
- имаме чувство дека во овој привид (кој падна доминантно на товар на компаниите) се е нормално во економијата, ги натера луѓето да мислат дека се ќе се врати во нормала за кратко време и дека се ќе биде исто за недела или две.

„Но тоа не е така. На нашата држава и претстои потешкиот период на совладување на кризата - обновата на економските текови, Во тој период цениме дека државата мора да комуницира со својот економски дел кој е единствениот креатор на приходите во буџетот. Ако тој не функционира, нема ни шанса за нормален живот. Ако оваа криза не успее да не натера да постигнеме консензус на државно ниво, тоа значи дека имаме проблеми и тешко ни се пишува!“, вели Антони Пешев.

 

Содржината е прочитана 135 пати.