Бизнис вести

Ангеловска: За субвенционирана минимална плата, досега одобрени средства за 4.000 компании

Досега 1.000 компании побарале ослободување од аконтации за данок на добивка за март, април и мај и за ослободување од аконтации за данок на личен доход за самостојните вршители на дејности

понеделник, 04 мај 2020

Околу 7.000 компании досега аплицирале за владините мерки. Најголем интерес има за мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, за која досега аплицирале околу 5.000 компании, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес конференција.

Таа информираше дека е голем интересот и за бескаматните кредити на Развојната банка, како и за ослободување од исплата на аконтации за данок на добивка.

За најобемната мерка, субвенционирање на компаниите со минимална плата за секој вработен и на придонесите до 50 проценти, тешка 120 милиони евра а која е со поддршка на Светска банка, Ангеловска појасни дека по 7 мај, кога завршува втората апликација, точно ќе се знае колку компании ќе ја искористат оваа антикризна мерка која е насочена кон помош на компаниите да ја зачуваат ликвидноста и работните места во услови на кризата предизвикана од коронавирусот.

Инаку, досега 1.000 компании побарале ослободување од аконтации за данок на добивка за март, април и мај и за ослободување од аконтации за данок на личен доход за самостојните вршители на дејности, што е дел од првиот сет антикризни мерки. Од нив 680 аплицирале за ослободување од данок на добивка и 380 се за данок на личен доход.
За бескаматните кредити од првата кредитна линија во вредност од 4,7 милиони евра пристигнати се апликации од 631 компанија со 56.000 вработени.

За втората кредитна линија, која е пуштена на 29 април во висина од 8 милиони евра се пристигнати 600 апликации. За оваа кредитна линија се очекува поголем интерес бидејќи се олеснети и постапката и условите за аплицирање.

„Ова е навистина еден значаен пакет мерки кој се однесува за сите и треба да им помогне во ликвидоноста и да ги заштити работните места. Допрва очекуваме да заврши процесот на апликации, да имаат пополнети обрасци, да кажеме за колку вработени се однесува и веќе од 10 мај да почнат исплатите, односно да се исплаќа финансиската поддршка кон фирмите. Ако се ова го имаме во предвид може да кажеме дека околу 7.000 компании ги користат или ќе ги користат мерките од првиот и вториот сет на економски мерки кои што беа претставени“, рече Ангеловска.
 

Содржината е прочитана 217 пати.