Бизнис вести

Пад на БДП за 3,4 проценти, за 20 отсто помали буџетски приходи во април

Според Министерството за финансии ефектите од корона-кризата врз економијата се очекува да бидат најголеми во вториот квартал, во третото тримесечје да дојде до забавување на контракцијата, додека во четвртото се очекува закрепнување на економијата и одреден позитивен резултат

понеделник, 04 мај 2020

Економската активност во државава годинава ќе се намали за 3,4 проценти како последица од кризата со Ковид -19, а стапката на инфлација ќе има надолна ревизија и ќе изнесува 0,2 проценти. Вакви се најновите проекции на Министерството за финансии кои денеска ги претставија министерката за финансии, Нина Ангеловска и заменик министерката за финансии Ширет Елези.

Во април годинава се остварени буџетски приходи од 14,2 милијарди денари, што е пад од 20 проценти споредено со април лани. Најголем пад има кај приходите од наплата на ДДВ и тоа 43 отсто, потоа следуваат акцизите со пад од 40 проценти и царините со пад 26 проценти, а кај персоналниот данок има пад од 11,7 отсто. Придонесите се на исто ниво со април минатата година, додека натфрлување има кај наплатата на данокот на добивка со реализирани плус 3,6 проценти.

Реализиацијата на другите буџетски приходи (неданочни, капитални и донации) има пад од 20 проценти на годишна основа.

Како што рече Ангеловска, со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните од коронавирусот, запирањето на економските активности или отежнувањето на некои синџири на набавка, падот на приходната страна е очекуван. Од почетокот на годината заклучно со април наплатата на приходите во Буџетот е за 4,9 проценти пониска во однос на истиот период лани. Наплатата на даночните приходи е за 9,1 процент пониска во однос на лани, што најмногу се должи на падот на наплатата на ДДВ за 14,6 проценти.

„Засега работите се одвиваат нешто подобро од она проектирано сценарио од страна на Министерството за финансии, што се сметаше како поповолно, што е добар знак. Секако, ние сме подготвени да одговориме и на најлошото сценарио, но треба да ја имаме предвид и непредвидливоста на ова криза што ја прави тешка за предвидување и проекции, па важно е да бидеме подготвени за секое сценарио во секој момент да одговориме со цел да ги амортизираме ударите врз економијата и да помогнеме и на приватниот сектор и на граѓаниге да го поминат со што помалку последици“, рече Ангеловска.

Според неа, ефектите од корона-кризата врз економијата се очекува да бидат најголеми во вториот квартал, во третото тримесечје да дојде до забавување на контракцијата, додека во четвртото се очекува закрепнување на економијата и одреден позитивен резултат.

Бидејќи, како што потенцираше Ангеловска, состојбата постојано се менува, не се исклучени понатамошни ревизии на макроекономските показатели.

 

Содржината е прочитана 132 пати.