Бизнис вести

Секторите туризам, угостителство и транспорт ќе можат да земат вкупна финансиска помош од 19.500 денари по вработен

Компаниите од овие сектори кои ги исполнуваат условите можат да ги комбинираат двете мерки за субвензионирање на платите и на 50 проценти од придонесите

четврток, 30 април 2020

Секторите туризам, угостителство и транспорт ќе можат да земат вкупна финансиска помош од 19.500 денари по вработен комбинирајќи ги двете мерки за субвенционирање на платите за вработените и на 50 проценти од придонесите, изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска по денешната средба со претставници на овие сектори на која биле разјаснети дилемите од вчерашната Уредба за помош на погодените претпријатија од коронакризата.

„Сите компании од овие три сектори кои не оствариле загуба во претходните две години, кои не се должници на листата на УЈП и над 90 дена немаат доспеани кредити, може да ги комбинираат овие две мерки“, изјави Ангеловска.

Олабавувањето на условите за задржување на бројот на вработени со што на фирмите кои бараат финансиска помош им се дозволува да отпуштаат вработени, а за што жестоко реагираа синдикатите, министерката појасни дека финансиска поддршка нема да можат да користат компании кои отпуштиле над 5, 10 и 15 проценти од вработените, зависно од големината на компанијата.

„Се земаат предвид вработените на неопределено и на определено време, односно сите вработени кои компанијата ги има“, рече Ангеловска и додаде дека доколку компаниите не ја користат мерката, тоа може негативно да влијае врз затворањето на работните места.

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека Владата и натаму ќе го слуша гласот на бизнис секторот при креирањето на мерките со цел да им се овозможи на компаниите полесно да го пребродат кризниот период. Особено што туризмот е еденод најважните сектори кога станува збор за девизниот прилив.

Хотелиерите и угостителите се надеваат дека наскоро ќе започнат со работа со цел да ги покријат основните трошоци.

„За жал, не може да предвидиме кога ќе се отворат хотелите, но се надеваме дека тоа ќе биде набрзо. Ќе се навикнеме на еден нов живот и на нови мерки кои очекуваме наскоро да бидат донесени. Се надеваме дека ќе имаме малку поинаква сезона во која ќе можеме да испливаме и да изработиме нови планови за 2021 година“, изјави Крсте Блажевски од ХОТАМ.

 

Содржината е прочитана 234 пати.