Бизнис вести

Многу пари и мудри одлуки се потребни за македонската економија да го амортизира ударот од панемијата

Државата досега донесе низа мерки за колку-толку да му помогне на стопанството, но и да ја пополни дупката во Буџетот која станува се подлабока од ден во ден. Сепак, тоа не е доволно. Ниту стопанствениците се целосно задоволни, ниту, пак, работниците

четврток, 30 април 2020

Најмалку 1,5 милијарди евра ќе и бидат потребни на македонската економија за да го амортизира ударот предизвикан од пандемијата со Ковид-19. Државата досега донесе низа мерки за колку-толку да му помогне на стопанството, но и да ја пополни дупката во Буџетот која станува се подлабока од ден во ден. Сепак, се чини тоа не е доволно. Ниту стопанствениците се целосно задоволни, ниту, пак, работниците, особено по последните новини со кои работодавачите ќе добијат финансиска поддршка од државата за да исплатат минимала плата, а притоа смеат да отпуштат дел од вработените.

Иако, барем според тоа што го зборува министерката за финансии, Нина Ангеловска фокусот на мерките што ги носи Владата е на зачувување на работните места и поддршка за ранливите категории, се чини дека со последната мерка таа се демантираше сама.

„Мораме да бидеме реални и да кажеме дека ќе има и такви кои ќе ја загубат работата и такви на кои платите и приходите ќе им бидат помали. Важно е дека Владата се труди системот да ги задоволи сите“, рече Ангеловска во одбрана на најновата мерка.

И, додека бизнисмените се задоволни, синдикатите се лути.

„Сојузот на синдикатите на Македонија и се ’заблагодарува’ на министерката за финансии г-ѓа Нина Ангеловска што во целост ги поддржува и применува мерките од ’газдите’ и придонесува да се зголеми бројот на невработени. Во овие моменти кои се исклучително тешки за македонските работници, ни Владата, ниту Министерството за финансии смеат да носат уредби по нарачка и притисок од работодавачите и коморите, а се на штета и на грбот на работниците“, се вели во соопштението на ССМ.

Сите се свесни дека на македонското стопанство под итно му се потребни пари. Досега се ставени на располагање 5,7 милиони евра од првиот инструмент бескаматни кредити „Ковид 1“, а беа наменети за фирмите од секторите кои беа први и најпогодени од коронавирусот – угостителсто, туризам и транспорт, како и дополнителни 8 милиони евра од „Ковид 2“ за кои можат да аплицираат сите микро, мали и средни претпријатија од сите дејности. Од Македоската развојна банка информиараат дека интересот за парите од „Ковид 1“ бил двојно поголем од она што се нудеше, додека за „Ковид 2“ се очекува уште поголема навалица.

Бескаматната кредитна линија е добредојдена, но е далеку од доволна. Стопанството допрва го очекува главниот удар, па беспредметно е воопшто и да се размислува дека 13,7 милиони евра можат било како да и помогат на економијата, особено во услови на глобален застој. Дотолку повеќе што, сепак, станува збор за кредити, што значи дека тие пари ќе мора да се вратат.

Иако е јасно дека овие бескаматни кредитни линии се интервенција на државата додека да стасаат поголемите суми што се чекаат од надворешни извори. Засега е извесно дека ќе дојдат 176 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд, од 140 до 160 милиони евра од Светска банка, а се очекуваат и 160 милиони евра дополнителна помош од Европската унија. Исто така, веќе е започната и постапката за издавање и на еврообврзница, која ќе ја надмине сумата од 500 милиони евра, со рок на доспевање од 10 години.

Но, додека да дојдат ивие пари е потребно времен, а сите се свесни дека време за губење нема. Бизнис заедницата предупреди дека големите проблеми допрва доаѓаат, а (не)ликвидноста ќе се покаже во цело светло уште пред почетокот на јуни. Токму поради тоа се инсистира и на стратешки мерки од Владата кои би биле насочени, пред се, кон оние дејности кои можат да ја рестартираат економијата брзо после завршување на здравствената криза. Бидејќи, пандемијата ќе помине, но последиците ќе останат. А,тие треба да се надминат, доколку сакаме државата да му одолее на Ковид-19.

 

Содржината е прочитана 264 пати.