Бизнис вести

Синдикати и здруженија бараат одговорност од министерката Ангеловска

Повеќе синдикати и невладини здруженија остро ја осудија најавата дека фирмите кои користат државна финансиска поддршка за исплата на плати же можат да отпуштаат вработени

среда, 29 април 2020

Повеќе синдикати и здруженија на граѓани најостро се спротивставија и ја осудија денешната најава на министерката за финансии, Нина Ангеловска дека ќе им биде дозволено на фирмите кои користат државна финансиска поддршка за исплата на плати да отпуштат до 15 отсто од вработените.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во соопштение до јавноста побара итна средба со министерката обвинувајќи ја дека се става во заштита на газдите.

„Сојузот на синдикатите на Македонија ѝ се ’заблагодарува’ на министерката за финансии, Нина Ангеловска затоа што во целост ги поддржува и применува мерките од газдите и придонесува да се зголеми бројот на невработени во Република Северна Македонија, како честитка за претстојниот 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот. ССМ ги потсетува Министерството за финансии и Владата дека давање финансиска поддршка која на крајот на денот ќе се враќа од парите на работниците и преку даноците на граѓаните не смее да овозможува намалување на бројот на вработени, односно државата да го финансира отпуштањето на работниците под притисок на работодавачите“, се вели во реакцијата на ССМ.

Во сопштението потпишано од повеќе синдикати и невладини организации од Владата бараат итно и неодложно да се запре процесот на измена и дополнување на најновата Уредба со која се дава можност работодавачите кои користат финансиска помош од државата да отпуштаат вработени, Синдикатите и здруженијата на граѓани кои се залагаат за работниците и за работничките права задолжително да бидат консултирани при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и, на крајот, одговорност од министерката Ангеловска.
 

Содржината е прочитана 146 пати.