Бизнис вести

Светска банка: „Западен Балкан ќе потоне во рецесија, најдобро ќе помине Македонија, најлошо Косово“

среда, 29 април 2020

Земјите од Западен Балкан ќе бидат погодени, како и остатокот од светот, од последиците на пандемијата на коронавирус, па и тие ќе паднат во рецесија и година би можело да забележат пад на бруто домашниот производ (БДП) до 11,3 проценти, соопшти Светската банка.

Банката проценува дека на Западниот Балкан најдобро ќе помине Македонија, чија економија ќе претпри најмала штета со пад од 1,4 до 3,2 проценти.

Најпесимистички прогнози има за Косово, кое во случај на поповолно сценарио го очекува пад на БДП од 4,5 проценти, а доколку дојде до неповолен развој на ситуацијата, падот би изнесувал дури 11,3 проценти.

Слични прогнози има и за Црна Гора, која при брзо запирање на ширењето на коронавирусот би претрпела пад на економијата од 5,6 проценти, а во случај пандемијата да продолжи до крајот на летото, БДП би паднал за 8,9 отсто.

За Албанаија Светска банка предвидува пад од 5, односно од 6,9 проценти, за Босна и Херцеговина прогнозата е пооптимистичка, со проектиран пад на БДП од 3,2 односно 4,2 отсто, додека за Србија од 2,5 односно 5,3 проценти.

Како што е наведено во најновиот Редовен економски извештај на Светска банка (РЕР), кој користи основно и неповолно сценарио поради големата неизвесност од пандемијата, регионалниот економски раст на Западен Балкан се предвидува да биде негативен и веројатно ќе се движи помеѓу -3 и -5,6 проценти. Ваквиот пад се предвидува под услов пандемијата во Европа наскоро да започне да забавува, што би значело дека рестриктивните мерки можат да бидат укинати до крајот на јуни и дека закрепнувањето може да започне постепено во втората половина на 2020 година.

„Иако е тешко да се предвиди економското влијание на пандемијата, нема сомнеж дека го отежнува животот во целиот регион, бидејќи го оптоварува здравствениот систем, ја парализира економската активност и ја загрозува благосостојбата на луѓето“, изјави Линда Ван Гелдер, директорка на одделот за земјите од Западен Балкан при Светската банка.

Закрепнувањето од ефектите на пандемијата е можно на среден рок, но како што се посочува во извештајот, се ќе зависи од должината на блокадата, како и од мерките преземени од надлежните органи на државите од регионот за справување со последиците.

 

Содржината е прочитана 249 пати.