Бизнис вести

Лукаревска појасни како фирмите да аплицираат за финансиска поддршка за минимална плата

среда, 29 април 2020

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска појасни како фирмите да аплицираат за да добијат финансиска поддршка од државата за исплата на минимална плата за април и мај. За таа цел, како што рече Лукаревска УЈП го надгради системот за аплицирање и добивање на средствата за исплата на минимални плати за вработените во приватни фирми кои забележале загуби поради кризата со коронавирусот.

Работодавачите што ќе побаруваат средства за исплата на плати на вработените за април, веднаш по завршување на овој месец, а најдоцна до 7 мај треба да поднесат образец до УЈП преку системот е-даноци. Апликациите за мај треба да се достават до 7 јуни.

УЈП ќе го потврди барањето во рок од три дена, а откако работодавачот ќе добие потврда дека барањето е комплетно, треба да внесе податоци за вработените. Фирмите, како што рече Лукаревска, истовремено може да користат и друга мерка – за субвенционирање данок на доход. По обработката на барањето за оваа мерка, УЈП го известува работодавачот за сумата што му е одобрена и го информира Генералниот секретаријат на Владата за фирмите што ги исполнуваат критериумите за исплата на средствата.

„Оваа финансиска поддршка ќе почне да се исплатува од 10 мај за платите за април, односно од 10 јуни за платите за мај. Роковите за исплата на плата остануваат непроменети, согласно законските одредби. За време на траењето на мерката, работодавачот не смее да исплаќа дивиденда, односно награди и бонуси и не смее да го намали бројот на вработени во однос на март 2020 година за повеќе од 15 проценти ако имал до 50 вработени“, појасни Лукаревска.
 

Содржината е прочитана 56 пати.