Бизнис вести

Ангеловска ги претстави новите три промени за мерката 14.500 денари

Дозволено е намалување на бројот на вработените во фирмите, комбинирање на две антикризни мерки за фирми од областа на угостителството, туризмот и транспортот, а има и промена во критериумите за тоа кој ќе ги враќа средствата од субвенционирање

среда, 29 април 2020

Флексибилност во намалување на бројот на вработените во фирмите што ќе аплицираат, комбинирање на две антикризни мерки за фирми од областа на угостителството, туризмот и транспортот, како и промена во критериумите за тоа кој ќе ги враќа средствата од субвенционирање, се трите новини што ги воведува Владата во мерката за субвенционирање на 14.500 денари плата за компаниите како поддршка за справување со последиците од пандемијата.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска на денешната прес-конференција објасни дека новините се во насока на зголемување на флексибилноста и олеснување на критериумите, како и зголемување на опфатот на фирмите кои можат да аплицираат за оваа мерка која е дел од првиот пакет антикризни мерки и ќе стартува во мај.

„Оваа мерка ќе биде кофинансирана со заем од Светската банка во висина од 50 милиони евра. Додека работевме на истата ги слушавме сите предлози од коморите, од бизниси-заедницата, сопствениците на микро и малите фирми и можеме слободно да кажеме сите овие предлози и сугестии се вградени сега во мерката“, рече Ангеловска.

Целта е да се зачуваат работните места (според проценките се работи за 200-250.000 работни места) и да се одржи ликвидноста на фирмите погодени од коронакризата.

Во таа насока министерката ја појасни првата новина што се однесува на дозволувањето флексибилност во намалување на бројот на вработени, за што, како што рече, често добивале прашања што доколку работникот сам напушти, што ако станува збор за сезонски работни, или ако истекува договорот на работникот.

„Поради тоа со ова се олеснува критериумот за задржување на бројот на вработени, односно се олабавуваат условите за задржување на вработени. Првично во мерката беше укажано дека работодавачот треба да го задржи истиот број на вработени два месеци заклучно по користењето на мерката, значи до јули, а сега се дозволува намалување на бројот на вработени и тоа до 15 проценти кај микро и малите компании, до 10 кај средните и до 5 проценти кај големите компании. Со ова очекуваме да се спречи отпуштањето на работниците, но да се зголеми опфатот на компании кои ќе аплицираат и кои директно ќе помогнат и ќе ги задржат работниците. Сметам дека ова е особено важно за малите и микро фирми“, рече Ангеловска.

Втората новина треба да поттикне поголема финансиска поддршка за компаниите кои се од најпогодените сектори – угостителство, транспорт и туризам. Тоа значи дека оние компании кои имаат нула приходи во овој период ќе може покрај аплицирањето за мерката 14.500 денари да ја користат и мерката за субвенционирање на 50 проценти од придонесите, а која беше презентирана во првиот пакет анти-кризни мерки. Ова ќе може да го искористат компаниите кои немале загуба во последните две години (2018 и 2019), не се на листата на должници на УЈП (03/2020), како и заклучно со 29.02.2020 не доцнеле со плаќање на обврските по основ на кредит подолго од 90 дена од денот на достасаноста.

Третата новина е поврзана со трансформирањето на финансиската поддршка во грант и со неа се дозволува одредени фирми да немаат обврска да ја враќаат добиената помош. Па така, компанија која оставарила загуба нема да ја врати финансиската поддршка, исто така нема да ги враќа средствата и доколку истите ги инвестира во еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработените, надградба на просеци, продуктивен капитал кои ќе придонесат за дополнителен раст на истата. Фирма, пак, која забележала добивка во 2020 година ќе врати лимитиран износ до 50 проценти од добивката пред оданочување.

 

Содржината е прочитана 228 пати.