Бизнис клуб

Одржана првата виртуелна меѓународна конференција „Економски предизвици на државите на ЈИЕ по пандемијата на коронавирусот“

Организатор на конференцијата беше Факултетот за менаџмент од Херцег Нови, а коорганизатори ПИМ Универзитет од Бања Лука, Факултетот за проектен менаџмент од Белград и Факултетот за бизнис економија и Институтот за бизнис економија од Скопје

среда, 29 април 2020

Во организација на Факултетот за менаџмент од Херцег Нови се одржа првата виртуелна меѓународна конференција „ЕКОНОМСКИ ПРЕДИЗВИЦИ НА ДРЖАВИТЕ НА ЈИЕ ПО ПАНДЕМИЈАТА НА КОРОНА ВИРУСОТ“. Коорганизатори на конференцијата се ПИМ Универзитет од Бања Лука, Факултетот за проектен менаџмент од Белград и Факултетот за бизнис економија и Институтот за бизнис економија од Скопје.

На конференцијата, што беше замислена како виртуелна стручна конференција, а беше реализирана преку апликацијата ZOOM, се собраа панелисти од четири универзитети од четири држави, кои имаа можност, низ излагања и дискусија да ги изнесат ставовите за клучните теми на конференцијата. Учесници на конференцијата беа: доц. д-р Ирена Петрушиќ, декан на Факултетот за менаџмент Херцег Нови, доц. д-р Никша Гргуревиќ, продекан за настава на Факултетот за менаџмент Херцег Нови, проф. д-р Василије Костиќ, раководител на постдипломски студии на Факултетот за менаџмент Херцег Нови, проф. д-р Драган Ѓурановиќ, ректор на ПИМ Универзитетот Бања Лука, проф. д-р Илија Џомбиќ, директор на ПИМ Универзитетот Бања Лука, доц. д-р Бојана Остојиќ, професор на Факултетот за проектен менаџмент Белград, доц. д-р Милутин Печиќ, професор на Факултетот за проектен менаџмент Белград, доц. д-р Аземина Машовиќ, професор на Факултетот за бизнис економија Скопје, доц. д-р Адријана Булевска-Зариќ, професор на Институтот за бизнис економија Скопје, м-р Сања Перуничиќ, модератор на конференцијата на Факултетот за менаџмент Херцег Нови.

На конференцијата се дискутираше на следните теми:
1. Дали реакцијата на органите на државната управа и на локалната самоуправа на државите на ЈИЕ била навремена со конкретни економски мерки за поддршка на стопанствата?
2. Дали преземените мерки ќе бидат доволни за закрепнување на државите на ЈИЕ?
3. Колку пандемијата ќе влијае врз стопанствата на државите на ЈИЕ во целина?
4. Оперативна програма со мерки за поддршка за излегување од кризата и мерки за економско закрепнување

Конференцијата имаше цел професорите од универзитетите, институтите, истражувачките центри од различни држави јавно да дискутираат за наведените теми отворајќи и развивајќи нови насоки на истражувањето. Учесниците се осврнаа и на мерките на националните координаторни тела.

По излагањето и по заедничките дискусии панелистите го донесоа следниот заклучок:

Рецесиската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, која го доби името The Great Lockdown (Големо заклучување) ќе остави последици на светската економија. Државите на ЈИЕ, посебно оние што се ориентирани кон туризмот, ќе имаат опаѓање на економските активности, што е предизвикано со пандемијата. Мерките со кои излегоа владите мора да се спроведуваат побрзо со консултација со широк круг експерти, почнувајќи од високообразовни установи, унии на работодавачи, асоцијации на менаџери, стопански комори итн. Наведените мерки особено треба да бидат насочени кон микро, малиот и средниот бизнис, кој е најмногу погоден. Потребно е да се зачува вработеноста, со што се стимулира побарувачката и се чува стандардот и квалитетот на животот на граѓаните.
Учесниците на панелот констатираа дека кризата претставува потенцијална можност за рестартирање на целиот економски систем со креирање соодветна стимулативна институционална рамка за идно пазарно работење.

Потребно е да се работи на зајакнување на домашните брендови кои ќе влијаат врз намалувањето на надворешно трговскиот дефицит и со што се намалува зависноста на домицилните држави од дислоцирано производство. Државниот интервенционизам е неопходен во мера што ќе создаде институционална рамка за идно пазарно работење, при што со изградба на општествени (формални и неформални) и економски институции се создава предуслов за рационална алокација на ресурсите и ефикасно стопанисување. Социјалниот капитал има важна улога во креирањето на институциите. Дигитализацијата и иновациите се голема можност за забрзано закрепнување и рационалнизација и ефикасност на деловните процеси. Голем потенцијал постои во развојот на културните, креативните индустрии и во ИТ-индустријата.

Деканката на Факултетот за менаџмент од Херцег Нови, Ирена Петрушиќ рече дека откако е прогласена вонредна состојба поради корона вирусот речиси сите мали бизниси и претпријатија западнаа во криза или се доведени до работ на егзистенцијата, ако не и до целосен колапс! Според неа некои фирми се принудени да ги затворат своите објекти и локали, многу изгубиле голем број купувачи поради неподготвеноста или неможноста за онлајн-нарачување, а еден дел од претпријатијата беа принудени да пронајдат систем по кој работниците ќе може да работат од далечина, односно од дома, со истовремено школување на децата преку настава, што исто така се организира на далечина.

„Сите моравме за многу кратко време да се навикнеме на новонастанатата ситуација, да се реорганизираме и да пронајдеме методи за да ги усогласиме стандардните животни активности, домашните работи и деловните обврски во ограничено време, а притоа да не трпи семејството... Ако самите не сте се сретнале со тоа, сепак, мора да признаете дека ова не е нималку лесна или едноставна задача!
Меѓутоа, за се постои причина, затоа да се обидеме да останеме позитивни и да пронајдеме некои добри страни во сѐ ова! Ова е единствена прилика да минете повеќе време со семејството, бидејќи на сите ни недостигаат неколку дополнителни часови во текот на денот за да постигнеме сѐ што сме сакале. Имаме можност да направиме сѐ што досега не сме направиле и да се посветиме можеби на некои скриени таленти, одамна запоставени хобија, да научиме некоја нова вештина, јазик и слично, а што се однесува до работата – согледуваме како сѐ може да се организира на поинаков начин и дека животот нема да застане дури иако престанете да работите!“, рече Петрушиќ.

Таа препорача да не се создава паника туку да се гледа да се извлече колку што е можно повеќе корист, бидејќи, според неа, кој гледа на работите од позитивен агол – позитивно ќе му се врати. Треба сите да се фокусираат на иднината и да ја набљудуваат оваа ситуација како можност да се вложи во нешто (во себеси) што претендира да биде успешно, иако сега можеби не изгледа така, бидејќи сѐ е ново и непознато!

Професорката Бојана Остојиќ од Факултетот за проектен и иновативен менаџмент ПМЦ од Белград, пак, даде совети во врска со вложувањето во маркетингот во текот на пандемијата:

Совет #1: Ако сте во можност, вложувајте во својот маркетинг и сега!
Знаеме дека многу претпријатија едноставно не се во можност сега да инвестираат во маркетинг поради загубениот приход (ако тоа е случај со вас, прескокнете го овој совет). Сепак, ако сте предвиделе кризни состојби и ако сте во можност и понатаму да вложувате – ова е најважен чекор! Бидејќи, сега е време да вложите дури и повеќе во својот маркетинг, а еве и зошто.

Повеќето од вашите конкуренти ги стопираат маркетинг-активностите, што значи дека можеби во овој момент ќе може да ги (пре)стигнете, односно, да стекнете конкурентска предност во месеците, па и во годините што следат!

Потсетете се на басната за зајакот и желката и ВЛОЖЕТЕ ГИ ТОКМУ СЕГА целата сила и напор за да ја искористите состојбата во своја корист.

Совет #2: Преиспитајте и прераспределете го буџетот за маркетинг!
Јасно е дека саемите не се соодветна опција додека трае пандемијата на вирусот КОВИД-19. Значи, ако сте планирале да вложите одреден износ пари во саеми или во други слични настани што во моментот не се изводливи, време е тој буџет да го пренасочите на други канали. Еден од идеалните е дигиталниот маркетинг, односно, негови поединечни (или сите) сегменти.

Некои клиенти го запираат или го намалуваат огласувањето преку Google Ads, а буџетот предвиден за овие активности го префрлија на СЕО – оптимизација на сајтот за пребарувачи. На тој начин, тие може да направат подобрувања во својата органска ранг листа што ќе им помогне да ја престигнат конкуренцијата кога ќе заврши пандемијата.

Ако сте ги исклучиле огласите и може да си дозволите и натаму да вложувате во маркетингот, топло би ви препорачале тој буџет да го пренасочите токму на подобрување на вашата позиција при пребарувањето на релевантните клучни зборови на Google. Ова е инвестиција што би можела да донесе многу силно „враќање на сцената“ кога работењето ќе се врати во нормала (да, а тоа ќе се случи кога-тогаш!).

Совет #3: Сменете го начинот на испорака
Ако имате работа поврзана со канцеларија и канцеларија во која повеќе не можете да примате клиенти/пациенти, обидете се да се пренасочите на поинаков вид комуникација и работење. Можеби е вистинско време да направите онлајн-продавница која може да ви донесе соодветен приход, да генерирате потенцијални клиенти, да организирате онлајн-состаноци преку различни канали на комуникација.

Еве неколку начини на кои би можеле да ги смените начините на испорака во текот на пандемијата:
• Стоматолозите, на пример, може да понудат виртуелни консултации наместо лични, а истото може да важи и за финансиските советници и за сите други видови на дејности и професионалци;
• Локалните трговци може да понудат да им испорачуваат стоки на купувачите, наместо луѓето да доаѓаат во нивните продавници;
• СПА-центрите може да ги промовираат своите производи наместо услугите, со оглед дека луѓето не можат да ги посетуваат лично;
• Други претпријатија може да понудат попусти за плаќање однапред или подарок-ваучери. На пример, рестораните или туристичките агенции може да обезбедат одредени ваучери или попусти за сите клиенти што ќе уплатат сега, а саканата услуга/производ да ја/го искористат во иднина, односно кога повторно ќе почнат да работат.

Совет #4: Фокусирајте се на своите постојни купувачи
Иако ова можеби е момент за нови видови маркетинг, пандемијата на вирусот КОВИД-19 нѐ потсети дека е многу полесно и поевтино да се работи на пазарот со постојните купувачи, отколку што тоа е случај со стекнување нови. Затоа, поставете си го себеси клучното прашање – што уште може да направите за да им помогнете на постојните купувачи и да го унапредите своето работење?

Дали може од класичната продажба на производи во продавниците да преминете на онлајн-продажба? Дали може да понудите дополнителни производи или услуги? Дали може да ја забрзате доставата со соодветен надоместок? Дали може да продадете повеќе производи ако обезбедите попуст? Дали може да соработувате со некое друго претпријатие за да го/ја подобрите својот производ/услуга или за да опстанете со заеднички сили?

И на крај, обидете се да се опуштите и колку тоа да звучи невозможно – да уживате во „возењето“ по нови патишта! Ова е застрашувачко време, особено за нови и мали претприемачи и треба да се биде внимателен, но и да се остане оптимистичен. Пандемијата кога-тогаш ќе запре и животот ќе се врати во редовните текови, кога повеќе нема да бидете во можност во оваа мера да бидете свртени кон себеси и кон семејството.

„Ние ви посакуваме да се збогатите со барем уште едно ново и позитивно искуство. Сепак, само од вас зависи како ќе излезете од целата оваа ситуација, а до тогаш однесувајте се одговорно и кон себеси и кон општеството“, заклучи професорката Остојиќ.

Во продолжение може да го видите линкот со видеоснимката од конференцијата:
https://www.youtube.com/watch?v=aBOk4zbthUk


 

Содржината е прочитана 463 пати.