Бизнис вести

Од утре може да се аплицира за втората линија бескаматни кредити

Во наредните 15 дена сите микро, мали и средни компании од сите дејности погодени од коронакризата можат да учествуваат на јавниот повик за распределба на бескаматниот кредит во износ од 8 милиони евра

вторник, 28 април 2020

Од утре па во наредните 15 дена сите микро, мали и средни компании од сите дејности кое се погодени од кризата предизвикана од коронавирусот, ќе можат електронски да аплицираат за втората линија бескаматни кредити во износ од 8 милиони евра.

За да учствуваат на јавниот повик за оваа кредитна линија „Ковид-2“, кој беше објавен во петокот, сите заинтересирани компании треба да ја обезбедат неопходната документација наведена на официјалната страница на Развојната банка.

Рокот за отплата на добиениот кредит е 3 години со вклучен грејс период до 12 месеци, а отплатата ќе се врши квартално.

Како што стои во повикот, за овие бескаматни кредити можат да аплицираат и фирми во кои има државен удел од најмногу 49 проценти.

За првата линија бескаматни кредити „Ковид-1“ која изнесуваше 5,7 милиони евра можеа да аплицираат само компаниите од трите најогодени сектори од кризата – туризам, угостителство и транспорт. Од Развојната банка информираат дека од оваа линија има на располагање уште 1,3 милиони евра, па компаниите од наведените сектори сè уште може да поднесуваат барања.

 

Содржината е прочитана 146 пати.