Бизнис вести

Претприемачите имаат намален обем на работа и трпат штети

Во истражувањето што го направи Сојузот на стопански комори на Македонија беа вклучени претпријатија кои припаѓаат на секторите угостителство, производство и преработка, сметководство и финансии, трговија, услуги, градежништво, туризам, здравство, транспорт и логистика и земјоделие од сите региони во државата

понеделник, 27 април 2020

Намален обем на работа и големи штети од пандемијата, како и неможност да се задолжат со нови кредити за да се преброди перидот, се главните проблеми со кои се соочуваат компаниите во време на здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата.

Ова го покажуваат резултатите од најновото истражување што го направи Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) во кое беа вклучени претпријатија кои припаѓаат на секторите угостителство, производство и преработка, сметководство и финансии, трговија, услуги, градежништво, туризам, здравство, транспорт и логистика и земјоделие. Анкетираните компании се од сите региони во земјава и тоа 54 отсто се лоцирани во Скопскиот регион, 9 проценти се во Пелагонискиот, по 7 отсто се од Југоисточниот, Полошкиот и Источниот регион, по 6 отсто од Југозападниот и Вардарскиот регион и 4 проценти се лоцирани во Североисточниот регион на државата.

Во истражувањето учествуваа претпријатија од сите големини, но, пред се, микро, мали и средни претпријатија кои претставуваат 99,8 проценти од вкупниот број регистрирани правни субјекти во земјата. Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на ССК појаснува дека 73 отсто од учесниците во истражувањето се микро фирми, 21 процент се мали, пет се средни, а само 1 проценти се големи субјекти

Најголем дел од претпријатијата, поточно дури 49 отсто досега претпреле штети во работењето во висина од 81до 100 проценти, додека само еден процент од компаниите се изјасниле дека немаат штета. Останатите пријавиле штети меѓу 20 и 80 отсто.

На 40 проценти од претпријатијата обемот на работа во март им е намален помеѓу 81и 100 отсто, 19 проценти имале од 61 до 80 отсто намалена работа, а само пет проценти од претпријатијата се изјасниле дека во март немале намалување на обемот на работа.

Најголем дел од фирмите, односно, 85 отсто рекле дека се уште не го намалиле бројот на вработени, а останатите 15 отсто го намалиле. Сепак, доколку кризата продолжи и нема соодветни економски мерки, дури 46 проценти од компаниите се изјасниле дека планираат да го намалат бројот на вработени. За 86 отсто од компаниите економските мерки што ги донесе Владата не се доволни за стопанството да ја преброди кризата.

„Вкупно 65 отсто од претпријатијата одговориле дека се уште не аплицирале за дел од понудените економски мерки за справување со кризата, 19 проценти аплицирале, а 16 проценти воопшто не планираат да ги користат економските мерки. Во поглед на понудениот кредит на Развојната банка 65 отсто од претпријатијата не аплицирале, 8 отсто аплицирале, 7 проценти се изјасниле дека аплицирале и се уште чекаат одговор, 19 отсто се изјасниле дека нема воопшто да аплицираат за кредит, а 1 процент истакнаа дека се одбиени. Што се однесува до мерката финансиска поддршка од 14.500 денари, 47 отсто од фирмите се изјасниле дека планираат да ја користат, 32 отсто не одлучиле, а 21процент не планираат да ја користат“, вели Грозданов.

Сојузот на стопански комори на Македонија обединува 35 стопански комори, 30 групации, здруженија и асоцијации, кои застапуваат над 24.000 претпријатија од сите региони и сектори.
 

Содржината е прочитана 129 пати.