Бизнис вести

Стопанската комора од утре почнува со онлајн обуки за приватните бизниси погодени од кризата

Обуката ќе се одржи од 10 до 13 и преку виртуелна училница ќе се изведува во живо и вклучува целосна интеракција на учесниците

понеделник, 27 април 2020

Стопанската комора на Македонија од утре почнува со онлајн обуки на работодавачите од приватниот сектор, за штонабави опрема за видео-конференциски врски која обезбедува стабилна конекција за голем број учесници.

Првата онлајн обука е организирана во соработка со УЈП и е на тема: „Поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19“. Обуката ќе се одржи утре, (вторник) од 10 до 13 и преку виртуелна училница ќе се изведува во живо и вклучува целосна интеракција на учесниците.

Обуките имаат за цел полесно, поефикасно и соодветно искористување на донесените мерки за поддршка на работодавачите од приватниот сектор. Притоа на практичен начин ќе се обработат и презентираат донесените уредби со законска сила кои се во надлежност на УЈП.

„Имајќи ја предвид глобалната ситуација во врска со пандемијата од вирусот Ковид-19, како и мерките, препораките, заклучоците и други акти коишто нашата држава ги презема во насока на спречување на ширење на пандемијата и намалување на штетните последици како од здравствен, така и од економски карактер, неизбежно е во овој вонреден период сите да го приспособиме своето работење и да пристапиме кон зголемена примена на дигиталните технологии и услуги и тие да станат приоритет во нашето секојдневно работење. Денес сакаме да најавиме дека Комората изврши набавка на опрема и претплата на еден од најквалитетните онлајн софтвери за видео-конференциски врски, која обезбедува стабилна конекција за голем број учесници и истовремено организирање на повеќе настани, со што во овој вонреден период го приспособуваме целосно нашето работење и преку примена на софистицирани дигитални технологии продолжуваме со континуирана организација на настани, состаноци, конференции, бизнис-форуми, прес-конференции и едукација, а со тоа продолжуваме и во остварувањето на целите на нашето постоење“, вели м-р Анета Трајковска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

Стопанската комора на Македонија, како лидер во коморското организирање во државата во минатата година организираше преку 225 настани (состаноци и расправи за компаниите, конференции, форуми, проектни активности, презентации) на здруженијата според дејности и преку регионалните комори, одржа 48 прес-конференции и повеќе од 40 бизнис-настани кои беа медиумски поддржани, а само преку Центарот за едукација беа организирани 120 едукативни настани на кои учествуваа 2.700 посетители.
 

Содржината е прочитана 296 пати.