Бизнис вести

Нова кредитна линија од осум милиони евра за помош на компаниите погодени од коронавирусот

Сите микро, мали и средни компании од сите дејности погодени од кризата ќе можат од среда да аплицираат за бескаматни кредити од „Ковид 2“ линијата обезбедени од компензационите фондови од Јапонија

петок, 24 април 2020

Од среда, 29 април микро, малите и средните компании од сите дејности погодени од кризата ќе можат да аплицираат за бескаматни кредити од „Ковид 2“ линијата.

На денешната прес-конференција министерката за финансии, Нина Ангеловска заедно со директорот на Развојната банка на Македонија, Кире Наумов и директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски ја презентираа новата кредитна линија за бескаматни кредити преку Развојната банка во вредност од 8 милиони евра.

„Ова ќе биде значајна ликвидносна инјекција и помош за фирмите. Линијата ’Ковид-2’ нуди поголема вкупна сума од линијата ’Ковид-1’, но и поголем износ на поединечни кредити, а она што е важно е што таа ги опфаќа сите дејности погодени од кризата и има олеснети услови и олеснет начин за аплицирање. Овие средства се наменети за зачувување на работните места и за заштита на ликвидноста на микро, малите и средните претпријатија“, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Средствата за овие кредити се обезбедени од компензационите фондови од Јапонија. Ангеловска потенцираше дека традиционално имаме добри односи и оти и досега сме имале поддршка од Јапонија во повеќе сфери.

Оваа втора линија бескаматни кредити следува по првата линијата „Ковид-1“ која изнесуваше 5,7 милиони евра и беше наменета за трите најпогодени сектори, туризам, транспорт и угостителство. Министерката појасни дена за првата линија се одобрени апликации на 254 компании во износ од 2,2 милиони евра, со околу 3.000 вработени.

„Интересот за бескаматни кредити е многу поголем, така што ’Ковид 2’линијата доаѓа во вистинско време. Таа е наменета за сите дејности. Максималниот износ на кредитот е 90.000 евра и е за три пати повисок од првата линија. Минималниот износ е 3.000 евра. Сумата за секоја фирма ќе се одредува спрема бројот на вработени кој компанијата го имала заклучно со 31 јануари, така што минималната плата ќе се помножи со бројот на вработени и со три месеци. Ова е со цел да се заштитат работните места“, рече Ангеловска.

Трошоците за аплицирање кон Развојната банка нема да се плаќаат. Рокот на отпалата на кредтот е до три години, со вклучен грејс период до 12 месеци, а обезбедувањето е со меница.

Јапонската амбасадорка во земјава, Кеико Ханеда во видео обраќање изрази поддршка за мерките што ги презема Владата и надеж дека тие ќе им помогнат на компаниите да продолжат да работат и да ги сочуваат работните места.
„Сите земји се борат против коронаворусот и во овие тешки времиња треба заедно да работиме и д се поддржуваме. Мило ми е што уште еднаш можеме да го потврдиме цврстото пријателство меѓу Северна Македонија и Јапонија“, рече амбасадорката Ханеда.

 

Содржината е прочитана 156 пати.