Бизнис вести

„Горење“ укинува 2.200 работни места поради последиците од пандемијата

Од вкупниот број отпуштања 1.000 ќе бидат во Словенија, а 1.200 во филијалите на компанијата во странство

четврток, 23 април 2020

Словенечкиот производител на бела техника „Горење“ од Велење ќе укине 2.200 работни места поради намалената потрошувачка предизвиката од пандемијата на Ковид-19, јави Радио телевизија Словенија (РТС).

„Од вкупно 2.200 работници кои ќе добијат отказ, 1.000 работни места ќе бидат укинати во фабриката и во деловните канцеларии во Словенија, а 1.200 во филијалите на компанијата во странство“, изјавил претставникот на Синдикатот на „Горење“, Жан Жеба по вонредниот состанок што се одржал на иницијатива на управата на фирмата.

„Горење“ е еден од најголемите словенечки извозници и има фабрики во Србија и во Чешка. Како што пренесува РТС, минатиот април во компанијата работеле 9.300 луѓе. Во 2018 година компанијата беше преземена од кинеската групација „Хисенсе“ со намера да се прошири производството и продажбата на апарати за домаќинство ширум Европа.
 

Содржината е прочитана 56 пати.