Бизнис вести

ММФ предвидува 4 проценти пад на македонската економија

Причина за ваквата прогноза е пандемијата на коронавирусот, но и евентуалното прелевање на глобалната рецесија кон земјава. За следната година ММФ предвидува раст од седум отсто

среда, 22 април 2020

Пад од 4 проценти на македонската економија предвидува Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај за земјава. Според ММФ причина за ваквата прогноза е пандемијата на коронавирусот, но и евентуалното прелевање на глобалната рецесија кон земјава. За следната година ММФ предвидува раст од седум отсто.

„Економската состојба во Северна Македонија се влоши значително поради пандемијата Ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови на доверба и прелевањето од глобалните финансиски канали создаде итна потреба од платен биланс“, се вели во извештајот објавен вчера и се нагласува дека поради одложените избори, привремената влада ќе остане на сила следните месеци.

ММФ потенцира дека Владата брзо одговори со целни мерки и со привремена фискална поддршка за да се амортизира социјалниот и економскиот удар од кризата и да се заштити ликвидноста на компаниите, да се зачуваат работните места и да се помогне на невработените и најранливите категории граѓани, додека Народната банка ја намали основната каматна стапка и направи измени во регулативата за да овозможи на комерцијалните банки да го реструктуираат долгот на компаниите и граѓаните.

„Властите исто така изразија силна посветеност за зачувување на монетарната, надворешната и финансиската подготвеност за преземање дополнителни мерки ако е потребно“, се вели во извештајот.

Од ММФ појаснуваат дека земјава добила помош од 176.53 милиони евра за надминување на кризата предизвикана од коронавирусот и се потенцира дека Фондот е подготвен да ја поддржи Македонија за борба против пандемијата и да помогне економијата да закрепне.

Инаку, ММФ предвидува пад на сите економии во регионот. Најголем во Црна Гора и Хрватска од девет отсто, во Албанија, БиХ и во Косово пад од пет отсто, во Бугарија четири и во Србија три отсто.

Проектираниот раст, пак, на БДП за наредната 2021 година за земјите од регионот е дека ќе се движи од 3,5 до 8 отсто. Највисок раст од 8 проценти се предвиува да има економијата во Албанија, во Србија и во Косово епредвиден раст од 7,5 отсто, потоа е македонската економија со 7 отсто, па Црна Гора со 6,5 отсто, Бугарија со 6, Хрватска со 4,9 и Босна и Херцеговина со 3,5 проценти.

 

Содржината е прочитана 46 пати.