Бизнис вести

Додека нафтата паѓа на светските берзи, кај нас поскапува

Пандемијата од коронавирусот деновиве ги спушти цените на нафтата во минус за прв пат во историјата, но во Македонија ја зголеми акцизата на горивата за три денари, со што бензините поскапеа за 3,5 денари, а дизелот за 1,5 денари од литар

среда, 22 април 2020

Додека на светските берзи нафтата достигна нула долари, кај нас горивата поскапеа. Вчера Регулаторната комисија за енергетика ја зголеми цената на бензините за 3,5 денари, а на дизелот за 1,5 денар по литар.

Деновиве, пандемијата од коронавирусот ги спушти цените на нафтата во минус за прв пат во историјата. Цените паѓаат веќе неколку недели како резултат на ограничувањата за движење воведени во многу земји и застанатите економии, поради што нема побарувачка. Историскиот пад на цената на нафтата ги седна повеќе земји членки на ОПЕК, но и други производители на нафта надвор од организацијата да одржат видео конференција за драматичната состојба на пазарот со нафта. На конференцијата учесниците потврдија дека ќе го прилагодат производството на нафта според договорот постигнат на 12 април, кој предвидува намалување на производството од 9,7 милиони барели на ден од мај.

И токму во моментите кога во светот главна вест беше негатативната цена на суровата нафта, кај нас главна вест беше одлуката на Владата да ги зголеми акцизите за нафтените деривати за три денари. Тоа, пак, автоматски ги зголеми и малопродажните цени на горивата.

Владата ја зголеми цената на акцизата за нафтените деривати како мерка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот. Владиниот портпрол вчера појасни дека одлуката е донесена со цел да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот и за да се обезбедат средства за редовно сервисирање на Буџетот, бидејќи, како што рече, средствата од зголемувањето на акцизата ќе одат во Фондот за справување со коронавирусот за финансирање на мерки за поддршка на стопанството и мерки насочени кон граѓаните.

Од Владата истакнаа дека зголемувањето на акцизата на нафтата е направено по претходни консултации со експерти и со сите засегнати страни.

Дел од експертите се согласни со мерката и велат дека е добро смислена, бидејќи во овие моменти сите бараат поддршка од Буџетот, а тој мора некако да се полни за да се може да излезе во пресрет на очекувањата. Според нивните објаснувања, во ситуација кога цената на нафтата на светските пазари е падната, има простор еден дел од приходите во Буџетот да се обезбедат со дополнителна акциза, затоа што ако се зголемува цената на нафтата, акцизата се намалува, а ако нафтата се врати на ниво од пред кризата, тогаш дополнителната акциза ќе се укине.

Од Владата беше речено дека зголемувањето на висината на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за компаниите и за населението. Објаснувањето е дека ако се има предвид падот на цената на нафтата од околу 20 денари од почетокот на годината до сега, тогаш зголемувањето на акцизата за нафтените деривати треба да се посматра како антикризна мерка во борбата против коронавирусот Ковид 19.

Но, сите не гледаат така на оваа владина одлука. Транспортерите се чувствуваат најпогодени. За нив е смешно да се зборува за антикризна мерка, бидејќи, како што велат, против криза не се бори со зголемување на трошоците. Потецираат дека со ова ќе ја изгубат и онаа мала придобивка што ја имале со досегашната ниска цена на дериватите.

Сепак, дел од економските аналитичари не се согласуваат со ваквите размислувања и со контра аргументи им возвраќаат на транспортерите дека тие сега немаат право да негодуваат бидејќи не ги намалиле цените на своите услуги кога паѓаше цената на горвата во изминатиот период.

Со зголемената акциза не се согласува ниту опозицијата. Оттаму сметаат дека со тоа Владата ќе зема пари од граѓаните за да ја покрие финансиската дупка направена во Буџетот.

„Ниската цена на нафтата на светските берзи власта на СДСМ ја користи за овозможување високи профити на поединци на штета на сиромашниот народ“, рекоа вчера од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

А, поддршка на одлуката на Владата дојде и од „Макпетрол“, најголемата македонска компанија која стопанисува со нафтени деривати. Но, оттаму побараа и објаснување што покажуваат анализите за предлогот за изедначување на акцизата на екстра лесното гориво и на дизелот.

„’Макпетрол АД’ ја поддржува одлуката на Владата за покачување на акцизата на нафтените деривати, како една од пакетот антикризни мерки за стабилизирање на буџетот на државата. Во овие моменти потребно е секоја индустрија да излезе со поддршка за спасување на економијата. Сметаме дека секој треба да покаже солидарност и да преземе дел од товарот и помогне за справување со кризата што не засега сите. ’Макпетрол АД’ уште еднаш апелира до Владата и до сите државни институции за посериозен пристап кон предлогот за израмнување на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот, а не да ги штити криминалот и злоупотребите со ова гориво“, се вели во соопштението од „Макпетрол“.

Од Владата, пак, сметаат дека ефектите од ваквиот предлог би биле речиси никакви, бидејќи екстра лесното гориво е наменето само за лимитирана употреба и законски е забрането за продажба од 15 април.

 

Содржината е прочитана 124 пати.