Бизнис вести

Ангеловска-Бежоска ги претстави мерките на пролетната средба на ММФ и Светска банка

Гувернерката на Народната банка нагласи дека во услови на помалку развиени домашни финансиски пазари, економиите од нашиот регион имаат поизразена потреба од надворешно финансирање

четврток, 16 април 2020

Ефектите од пандемијата на ковид-19 врз европските економии како и на економските политики коишто се спроведуваат и на клучните предизвици што произлегуваат од новонастанатите околности беа главна тема на Пролетните средби на ММФ и Светската банка. На состоанокот најновите проекции на ММФ беа презентирани од страна на директорот на Одделот за Европа, Пол Томсен, а како дискутанти учествуваа и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерите на централните банки на Руската Федерација и Хрватска, Елвира Набиулина и Борис Вујчиќ.

Како што соопштија од Народната банка, Ангеловска-Бежоска ги потенцирала макроекономските политики што се преземаат кај нас и во другите земји од регионот, акцентирајќи го предизвикот за обезбедување финансиски средства со цел спроведување на мерките на фискална политика со коишто треба да се ублажат негативните ефекти врз економијата заради состојбата со вирусот Ковид-19.

Таа нагласила дека во услови на помалку развиени домашни финансиски пазари, економиите од нашиот регион имаат поизразена потреба од надворешно финансирање. Имајќи предвид дека корона-кризата доведе до затегнување на меѓународните приватни финансиски пазари, таа одделно се осврнала и на потребата од поголема поддршка од ММФ и од другите меѓународни финансиски институции, како и на потребата од поддршка од европските институции.

Како член на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива, претставувајќи ги шесте земји од Југоисточна Европа коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија, Ангеловска-Бежоска активно учествувала и во дискусиите за координиран пристап во совладувањето на предизвиците со коишто се соочуваат земјите од нашиот регион во овој период. Меѓу другото, решенијата за коишто се дискутира вклучуваат и иницирање засилена финансиска поддршка од изворите на Европската Унија.

Во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, гувернерката на Народната банка ќе учествува и на состанокот на Конституенцата во којашто членува нашата земја.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 238 пати.