Бизнис вести

УЈП: „Наплатата на ДДВ не е намалена за 79, туку за 29,19 отсто“

четврток, 16 април 2020

Управата за јавни приходи со појаснување на вчерашното излагање на директорката Сања Лукаревска која ја презентираше моментална состојба на државната каса.

Од Секторот за поддршка на директорот и односи со јавност на УЈП велат дека насловите пласирани во одредени медиуми – „Пад на наплатата на ДДВ за 79 проценти“ се несоодветно извлечен новинарски заклучок за пад на наплата на ДДВ од 79 отсто. Оттаму појаснуваат дека е тоа податок за нето износ на наплатен ДДВ кој претставува разлика од бруто наплата на ДДВ минусирана за повратот на ДДВ за првите 14 дена од април.

„Наплатата на бруто ДДВ за првите 14 дена од април месец е намалена за 29,19 отсто во споредба со првите 14 дена од април 2019 година. Односно, првите 14 дена од април 2020 е наплатен бруто приход од ДДВ во висина од 1.476.684.745 денари, а во првите 14 дена од април 2019 е наплатен бруто приход од ДДВ од 2.085.338.658 денари , тоа е намалена наплата од 29,19 отсто.

Притоа, уште еднаш напоменуваме деке намалувањето на ДДВ се однесува за првите две недели од месец април, како што беше кажано односно од 01 до 14 април 2020, а вистинската слика за реализираниот ДДВ може да се согледа по завршување на месецот и евидентирање на сите уплати на ДДВ и реализираниот поврат. Во овој период од 01.04.2020-14.04.2020 година намален е ДДВ од увоз на добра за 708 милиони денари или за 35 отсто, но значаен е порастот на ДДВ од прометот во земјата за 80 милиони денари, односно, наплатен е износ од 142 милиони денари за разлика од април истиот период 2019 година кога е наплатен износ од 61 милиони денари.

Исто така, во услови на вонредна состојба Управата за јавни приходи врши забрзан поврат на ДДВ кон фирмите, така што во овој период од 01.04.2020 до 14.04.2020 е зголемен повратот на ДДВ за 412 милиони денари односно 51 процент повеќе вратен поврат ДДВ во однос на лани истиот период“, се вели во појаснувањето од Секторот за поддршка на директорот и односи со јавност на УЈП

 

Содржината е прочитана 147 пати.