Интервјуа

Консалтингот е првата спојница меѓу законите и компаниите

Интервју со Магдица Костадинова, извршен менаџер на „Еуро Консалт Плус“ и „ЕКП Травел“ - Скопје во кое говори за консалтинг услугите што ги пружа компанијата од областа на правното и економско-финансиското работење, за издавачката дејност од истите области, за улогата на „ЕКП Травел“ како фирма ќерка на „Еуро Консалт Плус“, за мотото во работењето како предуслов за добро извршување на задачите. Магдица Костадинова е една од топ 10-те најуспешни жени менаџери во 2019 година избрана од агенција „Марили“

вторник, 14 април 2020

МАРИЛИ: Од кога постои компанијата „Еуро Консалт Плус“ и со што се занимава, а која е улогата на „ЕКП Травел“ со која Вие, исто така, раководите?
КОСТАДИНОВА:
„Еуро Консалт Плус“ е компанија што од основањето во 2003 година успешно е застапена на полето на консалтинг услугите од областа на правното и економско-финансиското работење и со издаваштво од наведените области.
Консалтинг услугите го покриваат сегментот од областа на легислативата - законските прописи што се однесуваат на работењето на правните лица, од нивното основање до ликвидацијата, облигационите односи, трудовото и работното право и другите прописи што се однесуваат на правните и на физичките лица што извршуваат дејност на територијата на нашата држава. Од областа на економско-финансискиот консалтинг предмет на работа претставуваат консалтинг услугите што се однесуваат на економско- финансискиот и на сметководствениот сектор.
Во делот на издаваштвото „Еуро Консалт Плус“ е присутен со две публикации во кои се разработуваат теми што се однесуваат на правото, економско-финансиското работење и на сметководствените работи. 

Во „Деловни информации“, стручно списание што излегува еднаш месечно на А-5 формат, со најновите деловни информации за практичната примена на прописите и актуелната тековна проблематика, се разработува и се третира најновата проблематика од економско-финансиската и правната област, работните односи и претприемаштвото низ постојните и неколку нови рубрики: 1) Дилема; 2) Даноци, акцизи, придонеси и други давачки; 3) Сметководство и ревизија; 4) Право и правна проблематика; 5) Нестопанство; 6) Финансии; 7) Банкарство и платен промет; 8) Девизно работење; 9) Самостојни вршители на дејност; 10) Нови прописи; 11) Плати и придонеси; 12) Јавни набавки; 13) Прашања и одговори; 14) Здравствени организации.
Предност им се дава на актуелните содржини и на новите законски промени, со акцент на практичната имплементација во тековното работење.
„Сметководство, Ревизија и Финансии Плус“ - „СРиФ Плус“ е стручно списание за макроекономијата и микроекономијата за сметководство, ревизија, финансии, менаџмент, претприемаштво и стопанска практика. Тоа е двомесечно издание со специјализирани рубрики за сметководство, ревизија, финансии, менаџмент, банкарство, комерцијално работење, работни односи, буџет и макроекономска политика, со посебен осврт на даночната сфера од областа на акцизите, ДДВ, данок на личен доход, данок на добивка, такси, придонеси и други фискални давачки и надоместоци. Ги следи и актуелните случувања во светот, регионот и во земјата, новите макроекономски движења и економско-финансиските показатели.
Исто така, во текот на годината одржуваме неколку специјализирани советувања од областа на даночната проблематика, новините во законските прописи, советувања за изготвување на годишната сметка и примената на меѓународните сметководствени стандарди.
Aгенцијата „ЕКП Травел“ е основана во 2014 година за потребите на организацијата на советувањата во странство. Освен советувањата во земјата, организираме и советувања во странство, како во соседните држави Србија, Бугарија и Грција, така и во Европа и во многу други држави во светот. Целокупната организација е во наши раце, од обезбедување авиобилети за учесниците, хотелско сместување, трансфери, ангажирање локални водичи, влезници за музеи и други знаменитости, подготвување програма за патувањето и др.

МАРИЛИ: И двете фирми се дел од семејниот бизнис. Како дојде до тоа да го формирате бизнисот и колку претходното искуство Ви помогна успешно да го развивате?
КОСТАДИНОВА:
Со сопругот Ромео работиме заедно и двајцата раководиме со фирмата. Тој е генерален менаџер на „Еуро Консалт Плус“ и тој прв го започна бизнисот, а јас му се придружив три години подоцна. Тој е многу успешен како менaџер и како советник, а особено е стручен за даночната проблематика, сметководството и за економско-правната проблематика. Тој е ораторот, а јас сум организаторот на советувањата и токму овој спој се покажа како мошне успешен во развивањето на семејниот бизнис.
Секако дека претходното искуство ни помогна и на двајцата во развивањето на тимската работа. И двајцата имавме претходно искуство во други компании пред да го започнеме сопствениот бизнис.Нашето мото во работењето е дека добрата организациска поставеност е основен предуслов за добро извршување на секојдневните работни задачи. Само со добра организација може навреме да бидат завршени сите обврски, особено во нашата дејност, кога се бара работните ангажмани да се извршуваат во потребните рокови. Секогаш настојуваме да имаме одреден план за работа за да можеме работните обврски да ги извршуваме навреме. За нашата работа е потребно често да патуваме, тоа е времето кога се одржуваат советувањата и многу од работните задачи мора да се извршуваат и додека отсуствуваме од канцеларијата. Затоа е потребен голем ангажман за да има непречен тек на секојдневните работни активности.

МАРИЛИ: Кои се спецификите во Вашето работење со оглед на следењето на законската регулатива и спроведувањето едукации внатре во компанијата, но и во други деловни субјекти?
КОСТАДИНОВА:
Во нашата дејност е многу важно секојдневно да се следат промените во законодавството, како во економската, така и во правната проблематика. Мора да се следат промените во даночните прописи, сметководствената проблематика, работните односи затоа што ние, како консултанти, треба први да им ги презентираме новините на клиентите. Законската регулатива се следи секогаш и преку нашето издаваштвото и публикациите што ги споменав. Тоа е застапено и за време на одржувањето на советувањата кога подготвуваме посебни материјали со актуелни теми што се подлога за едукација на нашите клиенти. А, секако, самите советувања и материјалите што ги пишуваме и ги дистрибуираме, како и секојдневните консалтинг услуги на клиентите, наедно се и едукација и за вработените внатре во компанијата. Повремено организираме и патувања и тимски дружења и едукации за сите вработени.

МАРИЛИ: Какви се плановите за „Еуро Консалт Плус“ и за „ЕКП Травел“ за претстојниот период?
КОСТАДИНОВА:
Нашите планови се во насока да продолжиме како и досега во работењето, да настојуваме да бидеме поуспешни на пазарот на консалтинг услугите и да бележиме тренд на нагорен развој и во двете дејности. Настојуваме да овозможиме нови вработувања за млади кадри. Нашата дејност им нуди многу на младите кадри што имаат желба да се здобијат со знаење и практика во водењето на сметководството, даночната регулатива и сл.

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што значи да се биде успешна жена менаџер, со оглед дека сте и мајка и сопруга? Како го исполнувате Вашето слободно време, дали имате некакво хоби што не е поврзано со Вашата професија?

КОСТАДИНОВА: Според моето мислење, успешната жена е многу едноставна, само добро организирана жена. Жена што е присутна во сите пори на сопственото постоење и опкружување. Жена сопруга, жена мајка и жена менаџер. Спојот на сите овие работи е само добрата организација, како во домот и семејството, така и во кругот со колегите, во делот на работните обврски. Во приватниот живот јас сум сопруга и мајка на три деца. Мајка сум на 20-годишниот син Драган и на ќерките Љупка и Анастасија на возраст од 16 и 11 години. Како жена менаџер и мајка на три деца секогаш се трудам да одржувам соодветен баланс меѓу приватниот живот и работните ангажмани. Настојувам да имам доволно време да им се посветам на сопругот и на децата, да им помогнам во извршувањето на нивните училишни обврски, да разговарам со нив и да ги слушнам нивните младешки проблеми и размислувања. Настојувам слободното време да го поминам со семејството, понекогаш тоа е некое заедничко патување или им правам друштво на децата кога одат на некој свој спортски ангажман.
 
Содржината е прочитана 594 пати.