Бизнис вести

Народната банка го намали износот на благајнички записи

На аукцијата што ќе се одржи на 15 април 2020 година понудата на благајнички записи ќе се намали за 8.000 милиони денари во однос на достасаниот износ, а ќе бидат понудени 17.000 милиони денари по непроменета каматна стапка од 1,75%

понеделник, 13 април 2020

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка го намали износот на благајничките записи кои банките можат да ги запишат кај централната банка при задржување на основната каматна стапка на непроменето ниво. Целта е да се даде поддршка на македонската економија чиј раст ќе биде забавен поради негативното влијание на здравствената криза, за која, Банката оценува дека е од привремен карактер.

Комитетот одлучи на аукцијата што ќе се одржи на 15 април 2020 година понудата на благајнички записи да се намали за 8.000 милиони денари во однос на достасаниот износ. Следствено, на аукцијата ќе бидат понудени 17.000 милиони денари по непроменета каматна стапка од 1,75%.

„Средствата ослободени со намалената понуда кај благајничките записи се очекува да придонесат за натамошна поддршка на македонската економија преку одржување на кредитните текови и на кредитниот циклус од страна на банкарскиот систем“, соопшти Народната банка.

Ваквите мерки следуваат по намалувањето на основната каматна стапка, регулаторните измени со коишто се обезбедува поголема флексибилност и им се остава поголем простор на банките да се фокусираат на процесот на кредитирање, како и на измените кај задолжителната резерва со коишто се ослободува дополнителна ликвидност и се дава поддршка на кредитирањето на најпогодените сектори во економијата.

„Обезбедувањето дополнителна ликвидност е особено важно, имајќи ја предвид специфичноста на шокот и мерките коишто се преземаат за негово сузбивање“, додаваат од НБ.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во два наврати оваа година, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,75%.

Комитетот ги разгледа и најновите економски показатели во домашната економија и оцени дека и покрај засега стабилните текови, појавата на новата вирусна инфекција, како неочекуван надворешен шок, се очекува да се одрази врз домашната економија во повеќе сегменти, што ќе значи и поголемо отстапување од октомвриските проекции.

„Влошувањето на глобалното окружување и мерките преземени за спречување на ширењето на вирусот, ќе доведат до влошување на деловната активност кај дел од економските дејности и ќе влијаат врз очекувањата на економските субјекти за следниот период. Сепак, се оценува дека овие отстапувања не се предизвикани од поместувања во економските фундаменти и засега се очекува да бидат од привремен карактер“, се вели во соопштението.

Народната банка останува доследна на успешното спроведување на своите цели – одржување стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност, притоа давајќи поддршка на реалниот сектор преку обезбедување поволни финансиски услови. Како и досега, се продолжува со внимателно следење на развојот на настаните, како и на потенцијалните ризици од окружувањето и на нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветна и навремена реакција преку приспособување на политиките и преземање други, дополнителни мерки, доколку тоа е потребно.

 

Содржината е прочитана 55 пати.