Бизнис вести

ММФ и одобри 176 милиони евра финансиска поддршка на Македонија

Преку Инструментот за брзо финансирање се овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства од ММФ во услови кога економија со здрави фундаменти е погодена од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на вирусот Ковид-19

недела, 12 април 2020

Финансиска поддршка од 176 милиони евра одобри Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на Македонија, преку Инструментот за брзо финансирање. Заемот е со каматна стапка од 1,05 проценти и рок на отплата од пет години.
Финансиската поддршка има за цел да помогне за ублажување на негативните ефекти што коронавирусот ги предизвика на нашата економија и да обезбеди дополнителна поддршка на макроекономската стабилност.

„Економските изгледи на Северна Македонија значително се влошија како резултат на пандемијата на Ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти во 2020 година како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови создаде потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс“, оцени заменик извршниот директор и в.д. претседател на Извршниот одбор на Фондот, Тао Џанг.

Според Џанг, властите брзо одговориле со насочена и привремена фискална поддршка за да го ограничат социјалното и економското влијание од здравствената итна состојба преку заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и обезбедување социјална грижа за невработените и ранливите категории на домаќинства. Во таа насока Народната банка ја намали својата основна каматна стапка и спроведе регулаторни измени за да ги охрабри банките да ги реструктуираат долговите на висококвалитетните должници.

„Властите исто така изразија силна посветеност, откако ќе заврши кризата предизвикана од Ковид-19, за обновување на фискалните бафери и спроведување на агендата за структурни реформи за да помогнат во зачувувањето на одржливоста на долгот и забрзување на конвергенцијата кон развиените економии на земјите од Европската Унија. Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да ѝ помогне на Северна Македонија во борбата со пандемијата и во процесот на закрепнување на економијата“, се наведуваа во соопштението на Канцеларијата на регионалниот резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле.

Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека добиената поддршка од ММФ е двојно поголема од сумата што земјава првично ја очекуваше и доаѓа во вистинско време, пред пикот на здравствената криза која се очекува кон крајот на месецов.

„Ова се поволни средства, со ниска каматна стапка од 1,05 проценти и рок на отплата од пет години. Оваа финасиска поддршка од ММФ е преку Инструментот за брзо финансирање кој обезбедува брза и лесно пригодлива финансиска помош за земјите членки на ММФ кои се соочуваат со итни потреби на билансот на плаќање“, рече Ангеловска.

 

Содржината е прочитана 169 пати.