Бизнис вести

Се ставаат во мирување сите рокови и отворени повици за националните програми и за ИПАРД 2 Програмата

Владата усвои Уредба со која престануваат да течат роковите за доставување барања за финансиска поддршка и по ИПАРД 2 и по националните програми за време на вонредната состојба, а ќе продолжат по престанокот на вонредната состојба

петок, 10 април 2020

Сите сите рокови и отворени повици за националните програми и за ИПАРД 2 Програмата во областа на земјоделството се ставаат во мирување додека трае вонредната состојба во земјата поврзана со ширењето на коронавирусот

Како што информираше на денешната прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски Владата вчера на седница донела Уредба согласно која престануваат да течат роковите за доставување барања за финансиска поддршка и по ИПАРД 2 и по националните програми за време на вонредната состојба, а ќе продолжат по престанокот на вонредната состојба. Со Уредбата престанува да тече процесот за поднесување барања и за Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства“ од ИПАРД 2 Програмата.

„Со усвојување на оваа Уредба, роковите за сите јавни повици за склучување договори за финансиска поддршка, за намалување на финансиска поддршка поради неисполнување на договорните обврски, роковите за реализација на инвестициите, за извршување контроли на лице место кои истекуваат или ќе истечат за времетраење на вонредната состојба ќе бидат одложени. Ова е период кога се наоѓаме пред сериозен предизвик, глобалната пандемија ќе влијае врз економијата, вклучително и врз секторот земјоделство. Затоа наша обврска како Влада е да преземеме мерки со коишто ќе ги ублажиме последиците од пандемијата врз земјоделството и руралниот развој, рече министерот Димковски.

Тој ги повика заинтересираните овој период да го искористат за подготовка на квалитетни проекти и за производство на домашна храна, а по вонредната состојба, заедно да го завршат и административниот дел, кој сега се става во мирување.

„Ве охрабрувам сите во овој период да продолжиме со домашно производство на земјоделски производи и нивни преработки, затоа што само така можеме заеднички да се справиме со секој предизвик и да овозможиме развој“, изјави Димковски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никоче Бабовски појасни дека со ова се дава можност на заинтересираните физички и правни лица кои сакаат да аплицираат а заради вонредната состојба со КОВИД-19 не се во можност да ја приберат потребната документација да можат откако ќе се нормализира целата состојба да ги комплетираат документит и да ги достават до Агенцијата во рокот кој ќе биде определен дополнително.

„Преку овие сет на мерки обезбедуваме намалување на штетните последици кои би ги имале странките во постапката со губење на одредени права на финансиска поддршка поради неисполнување на законските рокови за набавка на опремата за која склучиле договори а заради вонредната ситуација и не по нивна вина не се во можност навреме да ги достават документите, или да ги завршат проектите за кои потпишале договори. На овој начин, сакаме да ве растовариме од бркање рокови и создавање дополнителен притисок“, рече Бабовски.

 

Содржината е прочитана 228 пати.