Бизнис вести

Бизнисот предлага зголемување на акцизата на горивата, Владата размислува, „Макам-Транс“ категорично против

Додека Стопанската комора предложи да се зголеми акцизата за безоловниот бензин и на евродизелот за два денари, а акцизата за екстра лесното гориво да се изедначи со акцизата за дизел горивото, од Асоцијацијата на камионски превозници порачуваат да не се посега по акцизата на горивата и да не се жртвуваат малите бизниси и земјоделците

петок, 10 април 2020

Асоцијацијата на камионски превозници „Макам-Транс“ не се согласува со предлогот да се зголеми акцизата на горивата, даден од Стопанската комора на Македонија. Комората како пакет решенија за справување со економските проблеми настанати поради коронавирусот побара да се зголеми акцизата за безоловниот бензин и на евродизелот за два денари, а акцизата за екстра лесното гориво да се изедначи со акцизата за дизел горивото. Стопанствениците појаснија дека со предложените мерки во државниот буџет, по основ на акцизи и ДДВ од продажбата на нафтените деривати на месечно ниво во просек би се прибрале средства поголеми за 3,8 милиони евра, а на годишно 46,2 милиони евра. Со тоа ќе се соберат повеќе средства во Буџетот и ќе се надминат проблемите со недостаток на средства за помош на стопанството.

Владата го разгледува предлогот на Стопанската комора.

„Предлогот е на маса. Веќе подготвуваме предлот уредба. Согласно пресметките и фискалните импликации предлогот е да се зголеми акцизата за два денари. Работиме заедно со Царинската управа конкретно на предлотот и ќе излеземе со информација. Но, сметам дека ќе го прифатиме предлогот на Стопанската комора“, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска појаснувајќи дека предлогот има оправданост кога има пад на цената на нафтата и намалена побарувачка, а сето тоа е предизвикано од здравствениот шок.

Но, за „Макам-транс“ оваа предложена мерка е неприфатлива, нерационална и несолидарна. Оттаму побараа Владата да не ја прифати, оценувајќи дека мерката нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат.

„Со секоја почит за предлог мерки кои се рационални и се однесуваат на сите, но со оваа мерка се надминуваат сите граници на рационалност и солидарност. Олигарсите пак сакаат товарот да се префрли на плеќите на сите превозници, но и на сите граѓани на кои драстично им се намалени платите. Предлагаат мерка која нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат, а тоа може да биде иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали, средни трговски друштва и на земјоделците“, вели во пишана изјава Билјана Муратовска, генерален секретар на „Макам-Транс“.

Таа апелира до Стопанската комора да изврши притисок до банките и до другите свои членки да преземат соодветни мерки и тие да понесат дел од одговорноста во овие тешки времиња, со враќање на дел од средствата кои, како што наведува, со години ги заработуваа како екстра профит, за да можат по надминување на оваа криза пак да го прават истото.

 

Содржината е прочитана 213 пати.