Бизнис вести

Светска банка: „Македонската економија влегува во рецесија, потребни се фискални реформи“

Предвидениот раст на БДП за земјава годинава е негативен, минус 0,4 отсто, а доколку епидемијата и вонредните мерки продолжат и во вториот квартал, рецесијата ќе биде уште подлабока

четврток, 09 април 2020

Светска банка прогнозира влегување на Македонија во рецесија како последица од корона кризата, а доколку епидемијата и вонредните мерки продолжат и во вториот квартал, таа ќе биде уште подлабока.

Во најновиот извештај на СБ за земјава се наведува дека краткорочната перспектива, слично на другите земји во регионот, е негативна поради кризата поврзана со КОВИД-19 која ќе предизвика рецесија во 2020 година и дека ќе бидат потребни дополнителни фискални реформи, реформи во конкурентноста и во управувањето со јавните политики за одржливо забрзување на економскиот раст. За годинава се предвидува негативен раст на БДП од минус 0,4 отсто, а за наредната 3,7 и 3,6 проценти во 2022 година.

„Растот во 2019 година од 3,6 проценти изненади во нагорна линија и невработеноста се намали на уште едно историско ниско ниво како резултат на зголемувањето на вработеноста. Пандемијата и мерките за ограничување на движењето ќе влијаат врз економијата како на страна на побарувачката, така и на страна на понудата. Ако епидемијата и рестриктивните мерки на национално и глобално ниво продолжат и во вториот квартал, рецесијата ќе биде потешка и ќе ги елиминира подобрувањата на пазарот на трудот од последните години и ќе ја продлабочи фискалната ранливост“, се вели во извештајот на СБ.

Од Светската банка наведуваат дека ја финализираат програмата на активности за помош на Северна Македонија за да се справи и да го намали влијанието од кризата.

„Помошта вклучува и нов брз проект како одговор на идните приоритети во здравствениот сектор, но и за заштита на приходите на домаќинствата, како и реструктуирање на веќе одобрени проекти за мобилизирање на средства за поддршка на малите и средни претпријатија. Се очекува овие програми да изнесуваат околу 140 милиони евра“, соопштува Банката.

Во пролетниот економски извештај 2020 за регионот се вели дека одлучувачки мерки кои ќе стават приоритет на инвестициите во здравствените системи и обезбедување на соодветна социјална заштита за луѓето, особено најранливите, се клучни за намалување на негативните влијанијата од пандемијата во Европа и Централна Азија. Се наведува дека земјите во регионот можат да помогнат во одржувањето на економската активност преку поддршка на приватниот сектор со поволни деловни кредити, намалување на даноците или одложувања за плаќањето на некои даноци. А, малите и средни претпријатија кои се погодени, би можеле да имаат значителна корист од таргетирани владини субвенции.

 

Содржината е прочитана 86 пати.