Бизнис вести

Градежниците добија водич за превенција од коронавирус

Во прирачникот се содржани основните препораки и мерки за заштита од коронавирусот кои треба да ги почитуваат работодавачите и работниците во градежништвото

четврток, 09 април 2020

Синдикатот на работниците од градежништвото, индустријата и проектитањето заедно со Македонското здружение за заштита при работа изработи „Водилка за безбедност и здравје при работа во градежништвото за превенција од коронавирусот“.

Во Прирачникот се содржани основните препораки и мерки за заштита од коронавирусот кои треба да ги почитуваат работодавачите и работниците во градежништвото. Меѓу другото се препорачува редовно одржување на личната хигиена, носење заштитна опрема, држење социјална дистанца, редовна дезинфекција на облеката, алатот и на работниот простор, ограничување на непотребното движење меѓу локациите, контејнерите и канцелариите, како и обезбедување посебен буџет во компанијата кој ќе биде наменски користен за справување со пандемијата.

Како и во сите останати сектори, така и во градежништвото се очекуваат загуби заради ограничувањата на работната сила, затворање на градилиштата и можните болни работници.

„Проблемот е навистина голем и трпи последици по економијата и работниците. Мораме да се бориме заеднички, бидејќи токму секторот градежништво е еден носечки столб во економијата и главен двигател на бруто домашниот производ. Статистиката вели дека опфаќаме број од над 50 илјади вработени во секторот и затоа мора да внимаваме да не дојде до колапс“, велат од Синдикатот.

Прирачникот ќе биде достапен на веб страниците на Сојузот на синдикати на Македонија и на Македонското здружение за заштита при работа, како и на Фејсбук и Јутјуб каналите.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 57 пати.