Бизнис вести

Бизнисот бара поврат на ДДВ на 15 дена

Компаниите бараат и привремено, во период од три месеци - април, мај и јуни да се укинат царините за сите репроматеријали и суровини од увоз и инвестициска опрема, неопходни за производството, за големите и средни производствени претпријатија, како и навремено да се исплатат обврските на државата и локалната самоуправа кон приватните претпријатија

вторник, 07 април 2020

Да се скратат законските рокови и повратот на ДДВ наместо за 30 дена да се врши на 15 дена, а државата и локалните самоуправ да ги исплатат навреме сите обврски кои ги имаат кон приватните компании, побара денеска Стопанската комора на Македонија.

Меѓу барањата на бизнисот е и укинување на царините за сите репроматеријали и суровини од увоз и инвестициска опрема неопходни за производството за големите и средни производствени претпријатија.

Од Комората велат дека со исполнување на дел од барањата ќе се подобри ликвидноста на бизнисите и ќе се овозможи да се намали товарот на државата за ублажување на ударот од здравствената криза врз економијата.

Првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески информираше дека е пратен допис до сите членови на органите и телата на Комората да дадат свои идеи и предлози. Меѓу нив е и прашањето за долговите на државата и за повратот на ДДВ, што е особено важно за да се одржи ликвидноста на компаниите во системот.

„Предлагаме скратување на законските рокови за поврат на ДДВ од 30 на 15 дена и доследно почитување на тие рокови, односно, навремена исплата од државата. Компаниите бараат и привремено, во период од три месеци - април, мај и јуни да се укинат царините за сите репроматеријали и суровини од увоз и инвестициска опрема, неопходни за производството, за големите и средни производствени претпријатија. но и да се исплатат обврските на државата и локалната самоуправа кон приватните претпријатија“, рече Азески.

Од Министерствто за финансии засега не одговараат дали е можно да се скрати рокот за враќање на ДДВ за 15 дена. Велат дека ги разгледуваат сите предлози од бизнис заедницата и оти се преземаат конкретни чекори за сѐ што може реално да се имплементира и што е од интерес за најголем број граѓани и за стопанството. Во таа насока тврдат дека обврските кон бизнисите редовно се сервисираат, па и повратот на ДДВ на компаниите се врши навремено и најбрзо можно, согласно реалното време потребно за спроведување на постапката од страна на УЈП.

Појаснуваат дека во март годинава вкупниот поврат на ДДВ изнесувал 1,87 милијарди денари што е за 14 проценти повеќе од претходната година, а само во првата недела од овој месец е исплатен поврат од 1,2 милијарди денари.

 

Содржината е прочитана 166 пати.