Бизнис вести

Угостителите нема да ги користат мерките на Владата, бидејќи дополнително ќе ги задолжат

Од Групацијата за угостителство порачаа дека угостителскиот сектор нема да ги користи најавените мерки, а средствата може да се пренасочат директно кон оние кои остануваат без работа или во оние сектори каде ќе има ефект

вторник, 07 април 2020

Угостителите решија да не ги користат мерките од државата, бидејќи, како што рекоа на денешнта прес конференција, тие се недоволни и селективни и нема да им помогнат полесно да го надминат периодот на вонредната состојба, туку само ќе придонесат за нивно дополнително задолжување.

Свесни дека, како што велат, нема да им бидат понудени подобри мерки, тие и соопштуваат на Владата дека угостителскиот сектор нема да ги користи најавените мерки и оти средствата можат да ги пренасочат директно кон оние кои остануваат без работа или во оние сектори каде мислат дека ќе има ефект.

Ваквата колективна одлука се однесува на повеќе од 1.000 угостителски објекти во целата држава. Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство во рамки на Туристичко-угостителската комора на Македонија истакна дека и покрај сите досегашни апели до надлежните, донесени се мерки кои малите субјекти немаат капацитет да ги спроведат.

„За жал до сега добивме несоодветни, нејасни и нецелосни мерки и уредби. Ова ни дава до знаење дека се игра со времето, кое моментално работи против нас, а ние како дејност немаме никакво чувство на сигурност. По долго исчекување и детална анализа на сите најавени мерки, а во правец на зачувување на дејноста, како субјекти од дејноста угостителство преземаме чекори за намалување на загубите и трошоците кои секојдневно се генерираат. Еден од тие чекори е и кога државата не ни помогна да се грижиме за вработените, сега ќе и дозволиме таа директно да покаже грижа за нив. На овој начин институциите можат директно да им помогнат на овие луѓе без притоа дополнително да не задолжуваат со кредити за придонеси и другите натрупани трошоци“, рече Ангеловски.

Тој истакна дека и покрај најдобите намери да ги задржат своите вработени, нема да можат да го сторат тоа, бидејќи
немаат приходи, со оглед дека тие беа први заторени, а сосема е неизвесно кога повторно ќе почнат со работа.

Ангеловски појасни дека според информациите со кои располгаат над 60 отсто од вработените низ цела држава се веќе одјавени, што, според неофицијални информации значи 15.000 лица.

„Се што ни е понудено во овој момент е во вид на заем од Владата и тоа недоволен само за нето плата. Ова никој од нас нема да може да го издржи. А, очекувавме дирекна, безусловна и правична помош. Дополнително мерките не ги опфаќаат сите погодени во угостителството и не е земено предвид дека ние не сме погоден сектор, туку, со одлука затворен сектор. Се очекува од нас да понесеме дел од товарот на кризата. Како да го направиме тоа кога сме затворени први, а ќе профункционираме последни, се работи за мали фирми кои немаат резерви. Јавното повикување од страна на Владата до вработените да не потпишуваат спогодби, ги доведува во заблуда вработените дека некој не сака, а не дека не е во можност да го понесе товарот, во состојба на неизвесна егзистенција за сите“, рече Ангеловски и додаде дека овој сектор вработува над 29.000 лица во околу 6.000 правни субјекти.

 

Содржината е прочитана 203 пати.