Бизнис вести

Камионџиите ќе возат два часа подолго, а ќе одмораат два помалку за време на вонредната состојба

Владата усвои уредби со кои се продолжени роковите на траење и на постојните лиценци за проектирање, ревизија, надзор и управување со градежни објекти од прва и втора категорија за времетраење на вонредната состојба и 60 дена по нејзиниот истек

вторник, 07 април 2020

За два часа се зголемува времето на управување со камиони, а за исто толку се намалува времето предвидено за одмор се додека трае вонредната состојба поради коронавирусот. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска на прес конференција соопшти дека Владата донесе уредба за зголемување на времетраењето на управување со возила во патниот сообраќај со цел да се овозможи непречен проток на стоки во периодот на корона кризата.

Сугарески појасни дека еден возач сега може да вози вкупно11 часа во еден ден, наместо 9 како што беше досега, додека возењето на неделно ниво се зголемува од 56 на 60 часа. Вкупното времетраење на управувањето на возила се зголемува од 90 на 100 часа на кои било две последователни недели за времетраење на вонредната состојба.

„Возачите можат да возат 5,5 часа, а потоа возачот е должен да направи пауза од најмалку 45 минути. Претходно можеа да возат 3,5 часа па да прават пауза. Во периодот додека трае вонредната состојба редовниот одмор се намалува од 11 на 9 часа “, рече Сугарески.

Министерот појасни дека сите овие мерки се донесени на барање на превозниците, со цел да се овозможи побрз транспорт на стока во патниот сообраќај и да се намалат гужвите на граничните премини.

На прес конференцијта Сугарески потенцираше дека нема да се воведе либерализација во железничкиот сообраќај во периодот на вонредната состојба. Од тој аспект, како што рече, Железници на РСМ – Транспорт стои на располагање со сите свои ресурси за секоја заинтересирана компанија, колку што може повеќе да го користи овој транспорт.

Исто така, министерот Сугарески информираше дека со неколку уредби со законска сила се одложува полагањето на испитите за возачи и за превоз на опасни материјали, а се продолжува важноста на сертификатите за времетраење на вонредната состојба. Воедно, продолжени се роковите на траење и на постојните лиценци за проектирање, ревизија, надзор и управување со градежни објекти од прва и втора категорија за времетраење на вонредната состојба и 60 дена по нејзиниот истек.
 

Содржината е прочитана 65 пати.