Бизнис вести

Бектеши: Ќе се укине забраната за извоз на брашно, резерви има доволно

петок, 03 април 2020

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека ќе се укине забраната за извоз на брашно.

„Од почетокот на оваа пандемија Северна Македонија немаше големи проблеми со снабдување со брашно за граѓаните, ниту со зголемување на цените на брашното. Ние донесовме одлука за замрзнување на цената на основните прехранбени продукти, со што овозможивме да се заштитат граѓаните од ценовни шокови. Сакам да ја информирам јавноста дека во согласност со сите податоци што ги имаме, оваа индустрија работи одлично и во моментот има доволно резерви брашно, особено кога Србија повторно дозволи извоз на пченица. Во таа насока Министерството за економија работи на измена на Уредбата со која беше забранет извозот на пченица и брашно во други земји и тој повторно да биде дозволен. Со тоа се овозможува оваа индустрија повторно да може да ги извезува своите производи“, рече Бектеши по состанокот со мелничарите.

Претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија, Горан Малишиќ истакна дека во почетокот на кризата предизвикана од коронавирусот се создаде зголемена побарувачка на брашното, со што се зголемија и цените на пченицата на светско ниво и во опкружувањето. Но, нема потреба од паника кај граѓаните бидејќи има доволно резерва.

„Резервите се доволни, нема потреба за паника. Извозот на пченица од Србија во регионот е дозволен и нема проблем со транспортот. Имавме мала правна блокада соУуредбата што ја донесе Владата, но, еве, во разговор со министерот добивме уверување дека тоа ќе се реши“, истакна Малишиќ.

 

Содржината е прочитана 148 пати.