Бизнис вести

Исплата на бруто плата се додека трае пандемијата бараат од Владата компаниите од ивент индустријата, ТВ и филмскиот сектор

Здружението на компании за организација, реализација и поддршка на настани, ТВ и филмски продукции бара исплатата на бруто платата да почне да важи од месец март, а доколку барањата не бидат исполнети во најкраток можен рок, ќе мора да се отпуштат вработените и да се затворат компаниите

петок, 03 април 2020

Исплата на бруто плата за целиот период додека трае пандемијата, односно се до укинување на забраната за одржување на јавни собири и исплатата да почне да важи од месец март, се двете барања што Здружението на компании за организација, реализација и поддршка на настани, ТВ и филмски продукции ги испраќа до Владата со цел да им помогне на овие компании да го надминат тешкиот период во кој се најдоа уште од февруари кога беа затворени поради коронавирусот.

Од Здружението ги поздравуваат напорите што ги прави Владата за помош на стопанството, но сметаат дека досегашните мерки се недоволни и недоречени.

„Нашата гранка беше првата што престана да работи на 28 февруари, кога беше донесена забраната за одржување јавни собири. Со тоа ние останавме без можност за било какви приходи. Ние немаме можност за онлајн или шалтерска продажба, а нашите компании во моментов се под клуч со промет од нула денари“, рече денеска на прес конференција Петар Георгиевски – Камиказа од „Ивент индустрија“ говорејќи во име на сите компании во Здружението.

Оттаму појаснуваат дека овој сектор е еден од ретките кај кои бизнисот беше целосно прекинат преку ноќ. Потенцираат дека овој бизнис практично не постои сè додека постои уредбата за забрана за јавни собири, а од друга страна, како што нагласуваат, оваа забрана ќе биде укината последна по завршување на пандемијата и ќе биде потребно уште некое време пред да се дозволат јавните собири.

„Сакаме уште еднаш да истакнеме дека нашата професија беше една од првите кои беа засегнати уште кон крајот на февруари, а ќе и треба најдолго време да се врати во нормалниот работен тек. Затоа бараме од Владата итни и системски мерки со кои би ни се помогнало во надминување на овој тежок период. Доколку не ни биде понудена соодветна поддршка и не бидат прифатени нашите барања и тоа во најкраток можен рок, ќе бидеме приморани да ги отпуштиме нашите вработени и да ги затвориме компаниите“, велат од Здружението и истакнуваат дека освен речиси 400 вработени во околу 100 компании во овој сектор, со нивната работа се засегнати најмалку уште илјада луѓе од други сектори, индустрии и физички лица од различни профили како актери, музичари, водители, фотографи, сликари, дизајнери, костимографи, сценографи, светло мајстори, како и  кастинг агенции, печатници, кетеринг служби, агенции за обезбедување, програмери, техничари, енергетичари, превозници, бравари, столари и многу други.

„Парите што ги бара секоја компанија се потребни за пребродување на кризата која би требало да заврши за три месеци, а ние, се разбира ќе ги сносиме сите останати триошоци како кирии, ДДВ и сите останати давачки кон државата“, рече Георгиевски истакнувајќи дека мора да постои свесност за значењето на креативната индустрија.
 

Содржината е прочитана 356 пати.