Бизнис вести

Три мерки со кои Владата ќе ги помага фирмите и занаетчиите за спас на работните места

Мерките се наменети за фирмите и физичките лица кои извршуваат самостојна дејност. Барањата за финансиската поддршка работодавачите треба да ги поднесуваат до УЈП преку системот е-даноци најдоцна до 5-ти во месецот за претходниот месец

четврток, 02 април 2020

Директна финансиска помош од 14.500 денари по работник во приватниот сектор за април и мај, можност за субвенционирање на 50 проценти од придонесите на платите за два месеца и финансиска поддршка за физичките лица кои извршуваат самостојна дејност во висина до 14.500 денари, се најновите мерки со кои Владата ќе ги помага фирмите и физичките лица полесно да се справат со кризата што ја наметна коронавирусот. Премиерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција ги образложи уредбите кои имаат законска сила, а Владата ги донесе на последната седница.

Првата мерка која предвидува директна помош од 14.500 за секој вработен за април и мај се однесува на сите приватни фирми погодени од кризата. Спасовски појасни дека дури 78 проценти од сите фирми во земјата ги исполнуваат условите за да аплицираат за мерките, односно, 35.000 компании и близу 250.000 работници. Тој нагласи дека мерката е директно насочена за зачувување на работните места во компаниите погодени од корона кризата.

„Сумата што ќе ја добие за двата месеци секој работник е вкупно 29.000 денари, или речиси 500 евра, односно, по 14.500 денари месечно, пари кои ќе бидат префрлени на сметката на работодавачот, но се наменети за вработените. Под поимот работодавач од приватниот сектор се опфаќа секое претпријатие од приватниот сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавачи кои ангажираат работиници преку приватни агенции за вработување“, рече Спасовски.

Сумата од 14.500 денари се однесува за полно работно време, а доколку вработениот бил ангажиран со скратено работно време ќе биде исплатен сразмерен износ.

Финансиската поддршка ќе се исплаќа до 13-ти во месецот за претходниот месец.

Втората мерка, всушност, е алтернатива на првата и со неа државата покрива 50 проценти од придонесите на платите на вработените.

„Ќе се даде финансиска поддршка за сервисирање на обврските за исплата на придонесите од задолжителното социјално осигурување поради намалената ликвидност кај фирмите погодени од корона кризата. Се предвидува за секој вработен осигуреник за април и мај 2020 година да се субвенционираат придонесите за задолжително социјално осигурување во висина од 50 проценти. Притоа, пресметаната сума не може да биде повисока од 50 проценти од придонесите за задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник според податоците на Државниот завод за статистика објавени во јануари оваа година“, рече Спасовски.
Со мерката се очекува да бидат опфатени околу 20 отсто од осигурениците или околу 53.000 работници, за што се потребни 284,3 милиони денари месечно.

Спасвски нагласи дека не може да се користат двете мерки, туку само една. За да се добие финансиска поддршка услов е компанијата го задржи истиот број вработени како во моментот на аплицирање во следните четири месеци, односно, до септември 2020 година, со исклучок на работниците што ќе заминат под други услови, како на пример пензионирање.

Барањата за финансиската поддршка работодавачите треба да ги поднесуваат до УЈП преку системот е-даноци најдоцна до 5-ти во месецот за претходниот месец. УЈП ќе оценува дали документацијата е комплетна и дали се исполнети барањата, по што ќе го извести работодавачот за сумата што ќе ја добие, а Владата за тоа колку компании го исполнуваат условот. Доколку од некои причини работодавачот не ги исполнил условите од барањата, тогаш добиената сума треба да ја врати со камата.

Владата донесе и Уредба со која ќе се овозможи финансиска поддршка на занаетчии и вршители на самостојни дејности кои ги чувствуваат последиците од кризата. Ним преку трансакциска сметка ќе им се врши исплата во износ од најмногу 14.500 денари месечно за април и мај.
 

Содржината е прочитана 84 пати.