Бизнис вести

„Македонија2025“ ја повикува Владата да реагира побрзо и похрабро да донесе антикризни мерки

четврток, 02 април 2020

„Македонија2025“ ја повикува Владата да реагира побрзо похрабро со донесување нови мерки за да се намалат негативните економски ефекти од корона кризата.

„Ова е вонредна состојба која бара вонредни мерки. Владата мора да покаже силно економско лидерство, а брзата реакција и поголема поддршка може да ја стави земјата на повисоко место на мапата на идните инвеститори и да ги пренасочи синџирите на набавка во корист на Македонија“, се вели во реакцијата на оваа Меѓународна невладина организација.

Коментирајќи ги антикризните мерки кои ги презема Владата, „Македонија2025“ дава предлози и за нови мерки врз основа на компаративна анализа со мерките во земјите на ЕУ. Оттаму предлагаат да се донесе дополнителен пакет на антикризни мерки, да се зголеми поддршката на стопанството до 1,5% од БДП, или 170 милиони евра (4,7% од планираните буџетски приходи во 2020 година). Потоа предлагаат проширување на опсегот на сектори кои ќе бидат поддржани, како и категоризација според загуби, што би се направило по примерот на неколку земји на ЕУ, како на пример Холандија.

„Македонија2025“ предлага мерките да се применуваат од март и да траат најмалку 3 месеци со можност за продолжување од три месеци. Исто така, мерките треба да одговараат на потребите на бизнисите, а не да има универзален пристап кон сите. Се предлага да се дизајнираат посебни пакети за подрршка на секторите важни за економската иднина на земјата, сектори кои креираат поголема вредност и поголем извоз.

„Покрај директните негативни ефекти од коронавирусот, во меѓувреме, беа направени надолни ревизии на проекциите за економскиот раст кај сите најзначајни трговски партнери на Македонија. Тоа дополнително негативно ќе се одрази врз домашното производство и извозот“, велат од „Македонија2025“ и како примери ги посочуваат проекциите на Fitch Solutions, според кои германската економија во 2020 ќе забележи пад од 0,8%, грчката за 1,5%, а БДП на Италија ќе се намали за 2,9%.

Од „Македонија2025“ појаснуваат дека во меѓувреме земјите членки на ЕУ донесоа дополнителни антикризни мерки и планираат дополнително државно задолжување за да ги намалат негативните ефекти од пандемијата.

Направената анализа покажува дека на ниво на Еврозоната, просечниот износ на ветената поддршка на компаниите е 3% од БДП. На врвот е САД со 3.600 милијарди евра одобрени за поддршка на економијата, што е околу 20% од БДП и околу 78% од планираните буџетски расходи за 2020 година. На прво место во ЕУ, пак, е Данска со планиран пакет за поддршка од 13% од БДП, а потоа следуваат Австрија и Шпанија со антикризни пакети во вредност од околу 9,5% од БДП. Во Германија, според одредени проценки, јавниот долг со сите планирани мерки и поддршка би се зголемил на 80% во 2020 година.
 

Содржината е прочитана 190 пати.