Бизнис вести

Три сценарија за Буџетот во зависност од должината на здравствената криза

Најповолното сценарио на Министерството за финансии предвидува продлабочување на буџетската дупка за нови 700 милиони евра над проектираните 300 милиони евра, второто за една милијарда, а третото дури за 1,3 милијарди евра

среда, 01 април 2020

Три сценарија за однесувањето на Буџетот зависно од должината на здравствената криза подготви Министерството за финансии, информира денеска министерката за финансии, Нина Ангеловска на прес конференција зборувајќи за ликвидноста на државната каса.

Првото, „најдобро“ сценарио предвидува пад на приходите во Буџетот за 20 отсто во однос на планот, или дефицитот да се зголеми за 700 милиони евра над проектираниот дефицит од 300 милиони евра.

Според второто сценарио ако падот на приходите изнесува 30 отсто потребите би се зголемиле за плус 1 милијарда евра од предвидените 300 милиони, додека третото сценарио, пак, предвидува пад на приходите од 40 отсто при што буџетската дупка би се продлабочила за плус 1,3 милијарди евра.

„Непредвидливоста и ранливоста на пазарите на капитал носи голем предизвик и при креирање на овие сценарија. Важно е да сме подготвени и за најлошото сценарио, а секако, да преземаме мерки и да повлекуваме соодветни чекори за да се случи најдоброто. За секое од трите сценарија подготовуваме и сценарија за финансирање“. рече Ангеловска.

Буџетот е проекција за тоа како ќе се полни државната каса и како ќе се празни, односно како ќе се реализираат расходите, појасни министерката метафорично спредувајќи го Буџетот со цевка со вода.

„Ликвидноста на Буџетот метафорично можеме да ја споредиме со една цевка со вода. Па така, во првите два месеци млазот беше навистина силен, односно, согласно планот и така и се трошеше. Затоа велевме дека ликвидноста е одлична и Буџетот е во добра кондиција. Така беше и на почетокот на март. Наплатата во јануари беше зголемена за 4,6 пеоценти, во февруари за 4 проценти, за разлика од минатата година. Преземањето на мерките за заштита од коронавирусот и ставајќи го здравјето на граѓаните на прво место делуваше на намалување на даночната активност, што се рефлектираше врз полнењето на буџетската каса. Почнувајќи од 20 март се забележува остар пад на даночните приходи од околу 25 отсто на дневно ниво, или, пад од 11 проценти за месец март споредено со минатата година“, рече Ангеловска и истакна дека најголем пад од 40 до 60 проценти се очекува во вториот квартал кај сите даноци. Додека проекцијата за четвртиот квартал, пак, ќе зависи од однесувањето на здравствената криза.

Сепак, таа потенцираше дека иако државата има проблем со полнењето на буџетската каса со почетокот на здравствената криза, повратот на ДДВ и исплатата на сите обврски преземени од државата кон фирмите ќе се реализира во пропишаниот рок и ако е можно порано, со цел да се задржи ликвидноста на компаниите.
 

Содржината е прочитана 187 пати.