Интервјуа

„Comodita Home“ - бренд посветен на квалитетот и на потребите на клиентите

Интервју со Олга Јосевска, оперативен менаџер во „Comodita Home“ – Македонија во кое може да прочитате за овој меѓународен бренд и големината на инвестицијата во нашата земја, за плановите на компанијата за оваа година, да се запознаете со богатиот асортиман што се нуди, како и со тоа како е да се управува со бренд што е во експанзија. Јосевска е прогласена за една од топ 10 најуспешни жени менаџери за 2019 избрани од агенција „Марили“

вторник, 31 март 2020

МАРИЛИ: Вие сте оперативен менаџер во „Comodita Home“ – Македонија. „Comodita Home“ е меѓународен бренд под управување и заштита на лондонската компанија „Brand Management LTD“, кој секогаш носи иновации на македонскиот, но и на меѓународниот пазар. Кажете ни нешто повеќе за самиот бренд, од кога постои, кога е промовиран кај нас, колкава е инвестицијата во Македонија и што се нуди?
ЈОСЕВСКА:
„Comodita Home“ е бренд што постои пет години. Во март 2014 година е произведен првиот душек „Comodita“, производ што е резултат на 25-годишното искуство во производството на душеци. Овој производ беше првиот чекор во креирањето на проектот и проширувањето на мрежата на продавници за производи за домот „Comodita Home“. Во март 2015 година „Comodita Home“ и официјално се појави на пазарот како самостоен бренд, најпрво со осум продавници, а денес, по пет години, по многу жртвувања, вложен труд и работа во желбата да ги задоволиме потребите на нашите потрошувачи, броиме 48 продажни салони во целиот регион.
Досега „Comodita Home“ инвестираше повеќе од три милиони евра во Македонија. Како компанија сметаме дека оваа земја е стабилна долгорочна бизнис-дестинација што им обезбедува сигурност и безбедност на нашата инвестиција и на капиталот. Веруваме во тоа и затоа безрезервно ќе продолжиме да инвестираме.
Водејќи се, пред сѐ, од желбата да ги задоволиме потребите на нашите клиенти на што се должи и нашиот успех, а не од желбата за профит, секогаш се трудиме нашиот асортиман на производи да биде приспособен на потребите и на можностите на купувачите. Дел од производите, како душеците и перниците, се наше сопствено производство, а друг дел од производите ги обезбедуваме преку увоз.

Од брендовите што ги нудиме може да ги истакнеме:
• Comodita Mattress, линија на душеци
• Comodita Line, линија на текстилни материјали за домот
• Comodita Kitchen, производи за готвење, послужување и јадење
• Comodita Fast, група електрични уреди за во кујна
• Comodita Accessories, групи од различни додатоци за разубавување на домот
• New Regent, софистицирана линија на производи за патување
• Moneta, 100 проценти италијански бренд за кујнски производи, добро познат во целиот свет по квалитетот што го нуди.
Досега „Comodita Home“ вработи околу 100 луѓе во Македонија, додека на ниво на групација бројката е над 1.000 вработени во целиот регион. Постојано инвестираме во технологијата и во професионалниот кадар, со цел да го одржиме квалитетот на нашите производи на највисоко ниво. Технологијата за производство е германска, а материјалите со кои ги изработуваме производите и кадарот се од Италија. Важно е да нагласиме дека еден член од тимот за производство на душеци е истакнатиот италијански консултант Марио Фоса, признат како еден од најдобрите во Европа.

МАРИЛИ: Како релативно млада компанија бележите брза експанзија во нашата држава. По што се препознатливи производите на „Comodita Home“ и дали на купувачите им нудите и друг начин да дојдат до вашите производи, освен традиционално во малопродажба, на пример, онлајн-продажба?
ЈОСЕВСКА
: Во Македонија „Comodita Home“ започна со работа во јануари 2019 година со шест продажни салони распоредени во пет града. Денес „Comodita Home“ во Македонија располага со 11 продажни салони, а со цел да бидеме поблиску до сите наши потрошувачи, започна со работа и контакт-центарот преку кој сите заинтересирани може да бидат детално информирани за нашиот асортиман на производи, за нивните карактеристики, цената и за достапноста и производите може директно да се нарачаат преку телефон и со бесплатна испорака да ги имаат во својот дом. Исто така, наскоро производите на „Comodita Home“ ќе бидат достапни и на нашата нова онлајн-продавница, каде што ќе може да се изберат, нарачаат и да платат целосно онлајн, со што дополнително ќе се доближиме до потребите на нашите клиенти. Нашите производи се препознатливи по тоа што претставуваат едноставни решенија за потребите на нашите клиенти, производи со најдобар квалитет и достапна цена. 

МАРИЛИ: Какви планови има „Comodita Home“ за оваа година?
ЈОСЕВСКА
: Инвестициите, проширувањата и вработувањата ќе бидат повторно наш приоритет и во 2020 година. Експанзијата продолжува со исто темпо како и во претходната година. Од февруари 2020 до крајот на годината планираме да отвориме 12 нови продажни салони низ цела Македонија, да бидеме достапни во сите градови, како и да ја отвориме нашата онлјан-продавница. Планираме и постојано се трудиме да ги развиваме и да ги адаптираме продажните понуди да бидат синхронизирани со куповната моќ и со навиките на купување во нашата земја.

МАРИЛИ: На оваа висока менаџерска позиција во компанијата Вие сте уште од самиот почеток. Колку години менаџерско искуство поседувате за да може да управувате со бренд што е во експанзија и дали за тоа Ви беа потребни некакви дополнителни интернационални обуки или можеби претходно учество во одредени меѓународни проекти?
ЈОСЕВСКА:
Да, во „Comodita Home“ сум од самиот почеток, а сметам дека тоа е предуслов за успешно менаџирање на компанијата бидејќи имам составено одличен тим на колеги со кој постигнуваме значајни резултати за компанијата. Оваа година одбележувам 20 години успешна кариера од кои 13 години се на менаџерска позиција, како во домашни, така и во странски компании со кои имам стекнато и меѓународно искуство.

 Генерално, моето искуство е насочено кон развивање бизниси, развивање брендови и синџири во малопродажба, каде што имам остварено одлични резултати со тимовите со кои сум работела, како и добиено голем број препораки, што беше доволно бордот на директори на „Деволи корпорација“ да ми ја довери раководната позиција во компанијата.
Човекот учи додека е жив. И, според моето мислење, човек треба да учи додека е жив. Бидејќи, доколку сакате да бидете во тек со трендовите, да сте успешни во бизнисот и лично да се развивате и да се надградувате, мора постојано да учите и да се усовршувате. Јас посетувам обуки, семинари, тренинзи и настани за личен и професионален развој, како во Македонија, така и во регионот. Моето искуство се базира врз менаџирање на развој на проекти, како регионални, така и мултинационални. Од меѓународните проекти на кои сум работела би го издвоила „Box It“ – синџирот за брза храна од Кралството Бахраин, за кој работев како консултант за развој на брендот и менаџер за франшиза што заедно со сопственикот, господинот Хади Давани, успешно го креиравме и ѝ го продадовме на Саудиска Арабија. Овој проект, во кој лично имав многу голем придонес и на кој сум посебно горда, истата година доби награда за Топ 3 франшизи на Саемот во Мадрид и награда за „Претпријатие на годината со меѓународна застапеност“ во Кралството Бахраин. Од регионалните проекти на кои имам работено како поголем би го издвоила трговскиот центар „Албаника Мол“ во Косово, проект во кој учествував во развојот, креирањето, менаџирањето и во неговото отворање. 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што треба да поседува една жена за да биде успешен менаџер?
ЈОСЕВСКА:
Добар менаџер секако не се станува преку ноќ, потребни се време и искуство за да се стекнат некои вештини што, според моето мислење, се клучни, а од кои би ги издвоила: успешното планирање, добрата организација што има круцијално значење, способноста за спроведување, аналитичките способности, брзото дијагностицирање и решавање на проблемите, способноста за донесување одлуки, како и креативноста и иновативноста што не треба да изостануваат. За да може да се соочи со предизвиците, жената менаџер треба да е умерена и разумна, а во исто време храбра и праведна. Треба да има способност да го види човекот во секој човек и да успее да го извлече максимумот од вработените. Сметам дека способноста за мултитаскинг и одредени вештини што ги имаат само жените, а кои не се својствени за мажите, овозможуваат различен пристап во однос на деловните партнери, надредените, колегите, како и генерално во водењето на компаниите. Најважно од сѐ е да се има амбиција, јасна визија за иднината и цел што сакате да ја постигнете и секако план како да стигнете до целта.

МАРИЛИ: Со оглед дека станува збор за компанија од соседството, постојано сте на релација Косово – Македонија, а засега под Ваша „команда“ се 11 продажни салони во нашава држава. Имате ли воопшто слободно време и како го поминувате?

ЈОСЕВСКА: Со оглед на тоа дека станува збор за интернационална компанија што веќе успешно функционира на неколку пазари на Балканот, а од 2019 година и во Македонија, како и за секој почеток беше потребно многу труд и вложување за да го постигнеме овој успех. Нормално е дека можеби и немам време за сѐ што би сакала да направам, но јас сум личност што се води од принципот дека ако се сака, сѐ се може, така што се трудам да бидам организирана и, освен на работата, да бидам подеднакво посветена и на фамилијата, без чија поддршка немаше да ги постигнам овие резултати. Често знам да кажам дека ја имав таа среќа двата сина да ги добијам на млади години, па некако спонтано дојде тоа да им бидам доволно долго посветена и да уживам во мајчинството, а потоа и во градењето успешна кариера. Секако, како и на секоја мајка, приоритет ми се синовите и се трудам максимално и квалитетно да го поминам слободното време со нив. На крајот од денот тие ми ги даваат силата, енергијата и мотивацијата за сите предизвици со кои се соочувам.
 
Содржината е прочитана 1804 пати.