Бизнис вести

Анѓушев: „Кризата предизвикана од коронавирусот е многу полоша од онаа пред 10-ина години“

Погрешно е прашањето дали е добро да се намали платата на администрацијата или да не се намали. Вистинското прашање е, дали ќе може да се подели и минимална плата, бидејќи во Буџетот ќе фалат две милијарди евра, смета поранешниот вицепремиер за економски прашања

петок, 27 март 2020

„Кризата предизвикана од коронавирусот е многу полоша и многу пожестоко ќе се одрази врз економијата од финансиската криза пред 10-ина години после распадот на берзите и финансиските импликации што ги имаше врз банките во Америка кога се прелеа низ целиот свет“, рече поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев гостувајќи во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Неговиот став е дека оваа криза ќе ја афектира економијата многу пожестоко, бидејќи станува збор за многу пошироко опфатно влијание врз економијата и дека ќе треба да се влечат многу мудри потези за да може да се подигне економијата. Според него ќе треба да се направат мерки како да се зачува здравјето на економијата и како нашите компании, мали, средни, но и големи, да преживеат.

Аншушев нагласи дека доколку големите компании не ја преживеат кризата нема да преживеат ни малите, микро и средните, бидејќи тие соработуваат со големите компании и ќе нема со кого да работат.

„Многу е битно на компаниите да им се помогне да преживеат. Некои од нив ќе можат да одржат активност различен број месеци, но, државата ќе треба да им помогне да одржат минимална активност на компаниите што не можат сами да одржат активност. Затоа, ценам дека е добра мерката за помош на компаниите за исплата на минималната плата и сметам дека треба да се усвои“, рече Анѓушев.

Поранешниот вицепремиер ја поздрави мерката што ја предлага претседателот на СДСМ, Зоран Заев за исплата на минимална плата за администрацијата во наредните два месеци.

„Погрешно е прашањето дали е добро да се намали платата на администрацијата или да не се намали. Вистинското прашање е, дали ќе може да се подели и минимална плата, бидејќи во Буџетот ќе фалат две милијарди евра. Тие две милијарди евра главно треба да се трошат на плати. Ако не се скрати од платите, можеме неколку месеци да делиме плати, а после тоа може да се случи во Буџетот веќе да нема пари за плати“, рече Анѓушев.

Посочи дека вистинското прашање е дали може да се обезбедат две милијарди евра и како ќе се обезбедат тие како задолжување.

„Денеска во светот веќе не се прашува дали треба да се задолжите, туку дали можете да најдете финансиски средства и извори од каде да се задолжите. Државата сега треба да најде извор на финансирање и тоа ќе биде сега многу тешко, бидејќи сите држави во светот и сите големи светски компании ќе бараат дополнително финансирање и од тој аспект средства нема да има така лесно на располагање. Затоа е многу важно тоа да се направи многу побрзо, се додека се уште има такви ресурси во светот, ако веќе и не е касно за да можете да добиете такви средства“, посочи Анѓушев.
 

Содржината е прочитана 75 пати.