Бизнис вести

Развојната банка објави јавен повик за кредитирање микро, мали и средни претпријатија

Засега ќе се кредитираат претпријатијата во најпогодените дејности, како угостителството, туризмот и товарниот транспорт

среда, 25 март 2020

Развојната банка на Северна Македонија објави јавен повик за кредитирање микро, мали и средни претпријатија, заради надминување на економските последици од коронавирусот.

„Засега ќе ги кредитираме претпријатијата во најпогодените дејности, како угостителството, туризмот и товарниот транспорт. Отплатата на кредитите ќе биде во период од 24 месеци, со грејс-период од шест месеци и со нула проценти камата“, рече првиот човек на Развојната банка, Кире Наумов.

Висината на кредитот ќе зависи од бројот на вработени во претпријатието. Минималниот износ на кредитот е 3.000 евра. Претпријатијата кои имаат до 10 вработени ќе може да аплицираат за кредит до 5.000 евра, тие што имаат до 50 вработени може да добијат до15.000 евра, додека за фирми со над 250 вработени може да се одобрат најмногу 30.000 евра.

Аплицирањето ќе биде исклучиво по електронски пат, без хипотека и само со меница. Повикот и формуларите за аплицирање ќе бидат објавени на интернет-страницата на Развојната банка.

Понатамошните мерки, како што рече Наумов, би требало да опфатат и претпријатија од други дејности, за кои ќе се утврди дека се најпогодени од кризата предизвикана од коронавирусот.

 

Содржината е прочитана 221 пати.