Бизнис вести

Се нормализира транспортот на стоки, се укинува царината за медицинска опрема и за средства за дезинфекција

Денеска ќе се дефинира списокот со стоки што ќе може да поминуваат преку т.н зелен и син коридор, што го договараа земјите членки на ЦЕФТА

вторник, 24 март 2020

Владата ќе ги ослободи од плаќање царина суровините, материјалите и опремата за медицински цели. Од плаќање царина ќе бидат ослободени средствата за дезинфекција, заштитните маски и ракавици, заштитните очила, медицинската опрема. Секој транспортер кој ќе превезува стока надвор од границите на државава сега мора да извади дозвола од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а уште денеска ќе се дефинира списокот со стоки што ќе може да поминуваат преку т.н зелен и син коридор, што го договараа земјите членки на ЦЕФТА. На фирмите за транспорт на стока целосно им е на располагање и Железницата, каде нема ограничувања во товарниот превоз.

Овие мерки се дел од активностите за нормализирање на транспортот на стока во услови на вонредна состојба и затворени граници поради кризата со Ковид 19. Според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески полека се нормализира работењето на компаниите за превоз на стока во вакви услови, непрекинато се одвива издавањето лиценци, одобренија, дозволи. Меѓународниот товарен сообраќај се одвива без забрани, со можни одредени забавувања на граничните премини поради нововоспоставените процедури и контроли наметнати од состојбата со корона вирусот.

Во рамки на ЦЕФТА, заедно со Транспортниот секретаријат на ЕУ и Европската комисија се договораат протоколи за лесно и безбедно движење на стоките.

„Договорено е воведување на размена на информации пред пристигнување и соодветно зелен и син канал за побрз проток на определни стоки и олеснување на транспортот“, рече директорот на Царината, Ѓоко Танасоски.

Тој појасни дека движењето на стоката непречено се одвива и во текот на полицискиот час. Дозволено е движење на транспортни средства во рамки на тразнитна постапка со транзитен придружен документ Т1, извоз на стоки со извозен придружен документ EXMK, како и зедничко извозно транзитна постапка.

„Превозниците кои се движат во рамки на поедноставена постапка во транзит (овластен примач) и поедноставена постапка, локално царинење при увоз, не смеат во никој случај да ја напуштат одобрената локација за времетрање на полицискиот час. Тоа ослободување од ограничување важи за царинските испостави: Табановце, Блаце, Деве Баир, Ќафасан, Делчево, Ново Село, Богородица и Меџитлија“, рече Танасоски.

Претходно, Царинската управа по службена должност ги продолжи роковите на важење на одобренијата за поедноставени царински постапки, а ќе биде продолжен и рокот на важење на банкарските гаранции кои истекуваат до 30 јуни.

Министерот Сугарески истакна дека откако беа затворени за сообраќај двата аеродрома во држава, ставен е во мирување Договорот за субвенционирање на авиопревозникот „Визер“.

 

Содржината е прочитана 86 пати.