Бизнис вести

„Кромберг и Шуберт“: „Апсолутно се неточни информациите дека се отпуштаат работници, компанијата не престанува со работа“

Од компанијата појаснуваат дека во моментов вработените користат одмор, а платите за март 2020 ќе бидат исплатени редовно и на време. Бидејќи се уште нема точна информација кога повторно ќе започнат со работа нејзините клиенти во април 2020, планиран е застој од 2 до 6 недели, период во кој вработените ќе бидат згрижени и ќе останат во работен однос, а сите придонеси за социјално, пензиско и здравствено осигурување ќе им бидат уредно и навремено платени

сабота, 21 март 2020

Компанијата „Кромберг & Шуберт Македонија“ од Битола ги демантира информациите објавени во одредени медиуми дека масовно отпушта работници и дека престанува со работа и се затвора. Од менаџерскиот тим на еден од најголемите работодавачи во државата, разочарани од, како што велат, неодговорниот однос на некои политичари, медиуми и новинари, најостро реагираат на пласираните неточни информации и апелираат на заедништво и меѓусебно помагање.

„Во изминатите денови се изнаслушавме и изначитавме лаги, невистини и дезинформации за нашата компанија и оние кои ги пласираа истите треба да се засрамат. За да ставиме крај на овој непотребен циркус, ’КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА’ ДООЕЛ Битола, како еден од најголемите работодавачи во државата ја известува јавноста дека информациите за масовни оптуштања од работа каде се спомнуваат повеќе илјади вработени, се апсолутно неточни. Дополнително, информацијата дека компанијата престанува со работа, односно се затвара, е исто така, неточна.
Факт е дека неизбежно сме афектирани од генералната ситуација во која се наоѓа автомобиската индустрија (намалена продажба на постоечките возила на европскиот пазар) поради што во изминатиот период бевме приморани да го прилагодиме бројот на вработени соодветно на обемот на работа, што е нормален процес во сите компании и во нашиот случај ова прилагодување изнесуваше 3-4%, што воопшто не е аларамантно и спаѓа во рамките на редовна селекција. Дополнително, ситуацијата со корона вирусот ги доведе нашите клиенти во Шпанија и Германија во вонредни услови и тие беа приморани да го сопрат нивното производство, што следствено резултираше и со привремен прекин на производниот процес и во КШМК“, се вели во сооштението од компанијата.

Додаваат дека во моментов 5.800-те вработени користат одмор, а платите за месец март 2020 ќе бидат исплатени редовно и на време.

„Бидејќи во моментов се уште нема точна информација кога повторно ќе започнат со работа нашите клиенти во април 2020, спремни сме и планираме застој од 2 до 6 недели, период во кој нашите вработени ќе бидат згрижени и ќе останат во работен однос, сите придонеси за социјално, пензиско и здравствено осигурување ќе им бидат уредно и навремено платени, а менаџерскиот тим посветено работи и ќе продолжи да работи заедно со Централата и со Владата за изнаоѓање на решенија за исплата на соодветен надомест за плата за месец април, решенија кои ќе бидат најдобри за нашите вработени и за стабилноста на компанијата во оваа ситуација. Апелираме до сите дека сега не е време за омраза, критики и политичко профитерство, туку време за солидарност, заедништво и меѓусебно помагање“, велат од компанијата.

„Кромберг & Шуберт Македонија“ ДООЕЛ Битола во изминатите години со дела има докажано дека е општествено одговорна компанија која се грижи за вработените и за градот Битола, па во таа насока апелира до сите: „останете смирени, слушајте и почитувајте ги препораките на Владата и на министерот за здравство за да придонесеме сите оваа кризна состојба да заврши побрзо и со помалку афектирани граѓани“.

„Вирусот ќе помине, да се потрудиме да помогнеме да биде со најмалку негативни последици и да излеземе сите здрави, посилни и најважно, подобри луѓе од оваа криза“, се вели во реакцијата на менаџерскиот тим на „Кромберг & Шуберт Македонија“.

 

Содржината е прочитана 323 пати.