Интервјуа

Информатичар заробен од адреналинот на енергетиката

Интервју со Даниела Китанова, менаџер на Електродистрибуција, ЕВН Груп во кое говори за тоа како е да се менаџира во компанија како што е ЕВН, за предизвиците со кои се соочува, за најважното нешто што треба да го поседува една жена за да биде успешна во менаџирањето, а тоа е самодовербата. Китанова е една од најдобрите топ 10 жени менаџери за 2019 година избрана од страна на агенција „Марили“

среда, 18 март 2020

 

МАРИЛИ: Вие сте менаџер во Електродистрибуција, фирма во сопственост на ЕВН Македонија. Кажете ни поконкретно на која позиција сте и кои се Вашите обврски?
КИТАНОВА:
Во мојата 23-годишна кариера сум имала различни работни позиции, единствено во оваа компанија, која помина низ повеќе трансформации, но со носечки дејности дистрибуција и снабдување со електрична енергија. Значи, со иста проблематика се соочувам од првиот работен ден, но секогаш е различен начинот на кој се организирам, ги остварувам и лично ги доживувам целите и искуствата. Причината за тоа се динамичноста на професијата и организацијата на работата.
Секоја промена во мојот кариерен развој ја примам со благодарност и во секоја позиција наоѓам поле каде што можам стопроцентно да се дадам. Започнав како информатичар во Одделот за развој и инвестиции, по некое време станав раководител на Одделот за автоматска обработка на податоци во Електродистрибуција - Струмица (во поранешното ЕСМ), а по неколку години бев назначена за директор на оваа Подружница. Мојата професионална приказна продолжи со приватизацијата на ЕСМ, доаѓањето на ЕВН од Австрија и промената на сопственоста од државна во приватна, кога бев назначена за еден од четирите регионални координатори, при што го покривав Југоисточниот Регион. По извесен период бев назначена за раководител на Центарот за корисници во Ѓорче Петров - Скопје. Моментно сум раководител на Корисничкиот центар – Гевгелија. Во оваа организациона единица, покрај оваа функција, одговорна сум и за групата за опслужување на корисници, што само по себе подразбира интензивна комуникација со оперативниот персонал - електромонтери и со клиенти. Сето ова подразбира интензивна дневна динамика и многу честа непредвидливост на настаните што, за мене, и по толку години претставува огромен предизвик.

МАРИЛИ: Кога ќе се каже ЕВН, веднаш се помислува на струја, трафостаници, на напони. Од каде љубовта кон каблите, како се случи да се најдете во енергетиката, иако по занимање сте информатичар?
КИТАНОВА:
Секоја личност во животот има свој „роул модел“. За мене тоа беше татко ми. Тој беше еден од првите инженери по електротехника во Струмица и беше експерт во оваа област. Јас пораснав со разговорите во кои клучни зборови беа бандера, струја, киловати. По неговите стапки тргна и брат ми, исто така, и тој е инженер енергетичар, докажан во својата професија. За мојот потесен избор на професијата, искрено признавам, одлучија стереотипите, за кои тогаш не бев свесна. Насоката информатика ја избрав како занимање што повеќе му прилега на женскиот пол, со мислење дека ќе бидам поштедена од теренска работа и од слични непредвидливи и комплицирани настани што ги налага оперативата во енергетиката. Но, ете, и покрај тој избор, јас живеам и работам со зборовите од вокабуларот од моето детство. На шега знам да кажам дека јас сум информатичар заробен од адреналинот на енергетиката.

МАРИЛИ: Дали е тешко да се биде жена менаџер во компанија како што е ЕВН, со какви предизвици се соочувате и како ги решавате, колку оперативноста е важна за секојдневно и квалитетно завршување на обврските?
КИТАНОВА
: Не грешам кога велам дека ЕВН е компанија што исклучително добро ги вреднува вработените и им овозможува напредок и развивање во сите области. И тоа почнувајќи од нераководниот кадар, па сѐ до највисокиот топ-менаџмент. Тоа е компанија во која дејноста, процесите и процедурите се уредени до најситни детали со чисти и логични правила, во интерес на вработените и на клиентите. Работата ја вршам растоварена, без апсолутно никакви притисоци, а со волја и елан да оставам нешто зад себе. Најважно ми е да им дадам позитивен пример на младите, кои ги има во голем број. Тука секој ден е поинаков, а најмногу ги сакам утрата, кога се распоредуваме, кога сублимираме што сме завршиле вчера, а што планираме да оствариме денес.
Мое животно мото е: „Не им го прави на другите тоа што не сакаш тебе да ти го прават.“ Или, со други зборови, со секого се однесувам со почит и искреност, а, верувајте, без исклучок, ми се враќаат во иста мера. Неповторливо чувство е силата што те тера да станеш во пет часот наутро, да патуваш по стотици километри на ден за да дојдеш до работното место, да се нурнеш во предизвиците на денот и повторно да не ти е тешко, туку напротив, тоа да те прави среќна.

МАРИЛИ: Сметате ли дека жените можат да бидат подеднакво успешни во менаџирањето и што треба да поседува една жена за да биде успешен менаџер во дејност како што е енергетиката, за која, барем кај нас, сѐ уште се смета дека е повеќе машка?
КИТАНОВА:
Апсолутно, да. Јас на шега знам да кажам дека жените, по дефиниција, се родени менаџери. Со самото тоа што денешните жени, најпрвин успешно се менаџираат самите себе, докажуваат дека тоа е токму така. Не е лесно да се „спастриш“ најпрвин себеси, да организираш сѐ околу домот, да ги средиш децата, да ги испочитуваш сопругот и сите други и повторно да си способен за работа, а уште и да уживаш и да бидеш успешен во неа. Самодовербата е прво и најважно нешто што треба да го поседува една жена за да биде успешна во менаџирањето. Без тоа нема ни М од менаџирање. Она кога сами на себе ќе си го поставите прашањето гледајќи се во огледало: „Можам ли? Знам ли?“ Самодовербата е тоа што ни дава сила и искреност да се погледнеме и прво на себе, а потоа и на другите и да им кажеме: „Јас можам, јас сакам, јас ќе успеам.“ Останатото е професионализам, истрајност и постојаност. Тоа е така во сите области, па и во енергетиката што, за среќа, со либерализацијата на пазарот на енергија и со влезот на многу нови трендови сѐ помалку се гледа како исклучително „машка“ професија.

МАРИЛИ: Дали е важно истакнувањето позитивни примери за поголемо присуство на жени во индустријата што би биле амбициозни и ангажирани за позиции што се оперативни, теренски, како што е Вашата?

КИТАНОВА: Од пред три години во организација на ЕВН Македонија и Инженерската асоцијација во нашата земја се случува еден многу позитивен настан што на почетокот се викаше „Интернационална конференција на жени во енергетиката“, а оваа година се прошири на „Жени во индустријата“. Тоа е настан на кој учесниците имаат можност да се запознаат со жени што се занимаваат со дејноста енергетика или воопшто индустрија и заземаат значајни места во раководењето на огромни компании низ светот. Прекрасно е чувството да споделиш или да слушнеш најразлични приказни од кои секако можеш многу практично да научиш. Преку добро осмислени панели, работилници, мотивациски говори, ние ја „билдаме“ жената да се охрабри, да се осмели, да го разбуди чувството на самодоверба во себе и храбро и искрено пред работодавците да го побара местото што ѝ припаѓа. Да се бори за позицијата што ја заслужува. Затоа што ние, жените, не бараме нешто што не заслужуваме, туку бараме простор да покажеме дека знаеме.

МАРИЛИ: Вие сте и семејна жена, сопруга и мајка. Како го исполнувате слободното време?
КИТАНОВА:
Да, имам сопруг и две ќерки на возраст од 23 и 21 година. И двете избраа да студираат и да се занимаваат со сосема поинакви професии од мојата. Избраа медицина и архитектура и јас ги почитувам нивните избори. За мене најважното нешто што сум го постигнала во нивното воспитување е што сум ги научила што се тоа морални вредности и етички принципи. И да не заборавиме, ги научив што е самодоверба, им покажав како да се гледаат во огледало и да се чесни и искрени прво сами со себе, а потоа со сите други.
Слободното време, верувале или не, го користам за пишување поезија што е моја голема страст откако научив да пишувам. Имам голема желба и доволно материјал за објавување и искрено се надевам дека во блиска иднина ќе ги споделам чувствата. Готвењето за оние што ги сакам, исто така, е моја пасија и мора да се пофалам дека и во кујната сум менаџер со признание.
 
Содржината е прочитана 1991 пати.