Интервјуа

Денес не постои мода, само стил на облекување

Интервју со модниот креатор со интернационална кариера Изет Цури во кое говори за петгодишното постоење на Интернационален институт за мода во Скопје, за местото на Македонија на светската модна писта, за модата во нашата земја, но и за можностите и перспективата на младите македонски креатори

четврток, 12 март 2020

МАРИЛИ: Годинава Вашиот Институт за мода одбележува пет години постоење. Колку дипломци минаа низ Академијата досега и дали тие имаат можност веднаш да го применат знаењето што го стекнаа во неа? Колку трае школувањето, дали студените се исклучително од Македонија и дали Академијата им овозможува некаков вид студиски престој во странство на најталентираните студенти?
ЦУРИ:
Низ Академијата за стил и мода досега минаа повеќе од 120 дипломци и 99,9 отсто од нив се подготвени веднаш да го применат знаењето што го стекнале тука. Некои од нив веќе и работат. Наша цел е 100 проценти успех во нашето школо, а тоа значи дека секој што излегува од Академијата - да работи. Инаку, школувањето трае три години и тука се школуваат студенти од Албанија, Норвешка, Русија, Србија, Косово и од сите градови во Македонија. Секако дека најголемите таленти имаат можност да се дошколуваат надвор, во разни модни куќи бидејќи тие, едноставно, профитираат од моите релации. Од друга страна, пак, секој што учи на оваа Академија е подготвен да работи во модните куќи во цел свет. Јас на моите студенти им велам: Најголемиот успех што ви го посакувам е да живеете од тоа што го работите.

МАРИЛИ: Која е спецификата на наставата што се одржува на Академијата и кои познати имиња од модата и дизајнот, освен Вашето, се дел од професорскиот кадар?
ЦУРИ:
Во Академијата се учи според француските техники на моделирање мулаж, значи наставата е иста како во француските академии и се состои од 70 проценти моделирање и 30 проценти од општа култура на модата. Во Академијата има и други познати професори, меѓу кои Доминик Брунет, Никола Евтимов, Елена Вангеловска, кои, исто така, имаат богата биографија зад себе.

МАРИЛИ: Оваа година тема на Вашите дипломци е сликарството во модата. Што значи тоа, што треба да содржи една дипломска работа со ваква тема? Со кои сликарски имиња сте соработувале, односно ја аплицирале својата уметност во Вашите креации?
ЦУРИ:
Во модата секогаш биле присутни сликарите. Откако постои модата, од почетокот на 20 век, значи од 1910 година наваму сите големи кројачки имиња соработуваат со сликари. Кога јас го учев занаетот, ние не му придававме значење на цртежот, важно беше дали знаеш да кроиш. Цртежите дојдоа кога отидов во Франција, таму се користат за комуникација меѓу дизајнерите и клиентите. Сликарството во модата го открив на една ревија наречена Мода во сликарството и ми се допадна како идеја. Па, сакав и нашите студенти што цртаат со бои, кои везат и кои донекаде и самите се уметници, да ја имаат таа шанса. Темата сликарството во модата е избрана бидејќи во животот имав многу пријатели што се сликари, некои од нив веќе не се меѓу нас, па затоа одлучив да направиме нешто во нивна чест и да им оддадеме почит. Јас многу се дружев со сликари, ги запознав југословенските сликари што се големи имиња, како Величковиќ, Миодраг Ѓуриќ, потоа Димитар Манев Митко од Македонија. Имав голема среќа да ме инспирираат со бои и композиции. Исто така, сум соработувал и со Валдет Хамиди, Зоран Јовановиќ, Даниел Хумер, Виорел Флора и многу други.

МАРИЛИ: Кога почнавте да се занимавате со моден дизајн и од кого го учевте занаетот, чија школа имаше најголемо влијание врз Вашата денешна креација?
ЦУРИ:
Со моден дизајн почнав да се занимавам од мојата четиринаесетта година, кај мајсторите Цале и Ангелковски, а потоа во Париз многу долго соработував со Хермез, Тиери Муглер и Алаја. Влијанието доаѓаше со текот на годините и со одредени периоди во мојот живот. Кога почнав да учам, сметав дека мојот мајстор е најголем во светот. Можеби беше така затоа што јас дотогаш немав видено друг. Мислам дека ако скопските мајстори беа некаде во Франција, сигурно би биле врвни имиња, големи мајстори, но тие беа големи таму каде што беа.

МАРИЛИ: Ваше родно место е Скопје, а денес живеете и работите во Париз. Кога и зошто заминавте во градот на модата и зошто по толку години се враќате во Македонија? Зошто не дојдовте порано и дали Академијата во Скопје е некаков аманет што Вие лично чувствувате дека треба да го исполните?
ЦУРИ:
Во Париз заминав во 1972 година на 15 дена за да најдам некаква инспирација бидејќи тогаш имав отворено бутик во Скопје. Но не се вратив. Сега во Македонија доаѓам за да им го пренесам моето знаење на младите генерации и, да, чувствувам морална одговорност кон тие што немале среќа како што имав јас.
Сакав да дојдам и порано, односно во 1983 година ја направив најголемата ревија во мојот живот во Скопје. „Трготекстил“, кој тогаш беше меѓу најголемите претпријатија, ме донесе тука заради еден голем проект што требаше да се реализира. Јас направив сѐ што беше до мене. Колекциите требаше да ги подготвам во Франција, овде да се шијат и да се продаваат надвор. Но тие не го направија своето. Секогаш сум се чудел како може Македонија како држава, каде што најголема индустрија е текстилната, да не направи ништо. Многу сакав ние да направиме нешто како Италијанците, италијанската индустрија апсолутно се адаптираше на барањата на дизајнерите и затоа нејзината модна индустрија е луксузна, како што е, на пример, Армани. Сега веќе немам ни можности да инвестирам како што можев во 80-тите години, но и да можам не би инвестирал. Ме викна градоначалникот на Чаир да дојдам за да направиме нешто и се согласив, си реков: Ако јас не направам ништо, ќе направат моите студенти. Поради тоа дојдов.

МАРИЛИ: Сте работеле со големи познати модни куќи, а сте креирале и за познати личности. Кои се тие и дали сте соработувале со познати имиња од нашата јавна сцена?
ЦУРИ:
Имам работено за познати модни куќи, како што се Хермез, Тиери Муглер и Алаја, и креирав за познати личности, меѓу кои Жерар де Пардје, Изабел Аџани, Шон Конери, Ричард Бери, Жосиан Баласко и многу други. Пред да заминам за Франција работев и тука, го облеков „Бело дугме“ кога имаше концерт во Универзална сала. Јас бев постојано присутен со естрадата бидејќи мојот сон беше да станам музичар, гитарист и се дружев со првите групи рокери во Скопје и ги облекував „Урагани“, „Безимени“ и „Бисери“ кои подоцна се споија во „Бис Без“.

МАРИЛИ: Каква е денес светската висока мода, дали воопшто може да се зборува за мода, во вистинска смисла на зборот или можеби повеќе се работи за стил на облекување? Кој одлучува кој стил ќе биде актуелен во наредната сезона?
ЦУРИ:
Модата постоела сѐ до 80-тите години и малку во 90-тите години од минатиот век, но оттогаш наваму апсолутно не постои мода, денес постои само стил на облекување и секој креатор има посебен стил на модни дизајни. А што се однесува до тоа кој одлучува за актуелниот стил, па тоа е улицата, самиот систем, моќта на тој што купува. Луксузот го прави оној што плаќа. Денес е апсурдно да се зборува за тренд, сега го нема тоа. Некогаш постоел. Ако се погледнат старите фотографии, веднаш се забележуваат фризурите, костумите, мејкапот, аксесоарите, па дури и музиката. Тогаш тоа било цело движење, не само тренд за облека или за фризура. Денес е во мода нова професија што се вика дизајнер, моден креатор. А поимот моден креатор првпат се споменува во 1957 година со Ив Сен Лоран, а пред тоа се викале кројачи. Но тоа што е најново во модата не го прават дизајнерите, туку текстилните инженери. На пример, панталони носеле уште Египќаните, а денешните панталони се адаптираат според денешните времиња, да бидат практични за носење. А, ново, па измислени се комбинезоните, кои немаат врска ниту со дизајнерите ниту со кројачите, туку во лабораторија, односно со доктори, со цел да се заштити телото. Значи, денес се зборува за комбинација меѓу дизајнер и текстилен инженер, односно наука.

МАРИЛИ: Какви се Вашите согледувања, каде се наоѓа Македонија на светската модна мапа и дали нашиот народ, со оглед на ограничените финансиски можности, е модерно облечен и во тренд? Дали модата е секогаш поврзана со парите? На пример, луѓето во Скандинавија имаат пари, но не се модерни?
ЦУРИ:
Во денешно време модата е присутна насекаде, исто така, и во Македонија, значи модата е иста, но финансиските можности се различни. Македонија има пристап до светската модна мапа толку колку што има финансиски можности. Кај нас младите се облекуваат одлично за малку пари. Затоа што денес тие се интересираат, бараат и гледаат на интернет. Јас 37 години предавам концепт во колекција и техника на најголемата школа за мода „Есмонд“, која постои 160 години, при што забележувам дека нашите деца се поталентирани, дека откриваат, додека на запад нема што да откријат, кај нив тоа не е приоритет. Тие немаат никаков ориентализам, а кај нас тоа го има во изобилие.

МАРИЛИ: Каде ја гледате можноста за развој на текстилната индустрија во Македонија бидејќи долги години сме само лон-систем. Дали во поголемите текстилни фабрики може да се формираат дизајнерски студија?
ЦУРИ:
Овде недостигаат кадри, како што се моделари, нема техничари. Треба да им се даде шанса на младите луѓе да станат добри моделари, тие се архитекти на костумот, а ние немаме такво школо. Нашето е прво на Балканот. Секако дека може да се отворат студија во фабриките и тие ќе имаат предност во однос на другите брендови што немаат своја фабрика. Така може да се понудат сопствени дизајни, тоа е наша перспектива. Треба да се има доверба во новите сили, новите енергии.

МАРИЛИ: Подготвувате монографија за Вашето творештво. Што ќе содржи таа и кога ќе биде промовирана?
ЦУРИ:
Монографијата ја содржи целата моја професионална авантура од Скопје до Париз и од Париз до Скопје. Планираме да ја промовираме во текот на идната година.


 

Содржината е прочитана 330 пати.