Интервјуа

Кога ја видов харфата – тоа беше љубов на прв поглед

Интервју со Мерсиха Шукри, харфистка во Македонска филхармонија, прва школувана харфистка што дипломирала во нашата земја во кое говори за времето кога се школувала без никаков наставен план и програма по која ќе се изучува инструментот, за докажаното благопријатно влијание на харфата врз менталниот и врз психичкиот развој на човекот, за мисијата што си ја има поставено пред себе – да остава трага на среќа и исполнетост кај луѓето

среда, 04 март 2020

МАРИЛИ: Вие сте прва школувана харфистка што дипломирала во нашата земја. Колку години свирите на овој инструмент и од каде љубовта кон харфата? 
ШУКРИ:
Пред да почнам да свирам харфа изучував пијано. Никогаш не замислував ниту, пак, се гледав како идна харфистка. Сакав многу други работи, на пример, да бидам ветеринар, новинар. Но еден ден од татко ми Рамадан Шукри, кој тогаш предаваше во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, потекна иницијатива да се изучуваат инструменти што дотогаш не биле застапени кај нас, меѓу кои и харфата. Иако веќе бев средношколец во општа гимназија, отидов на еден информативен час за харфата. Инструментот ми го претставија руски харфистки, а подоцна едната од нив ми стана професорка. Тоа беше љубов на прв поглед. Можеби мојата авантуристичка природа да откривам нешто ново и да навлегувам во бескрајните тајни на овој инструмент беа пресудни да почнам да го изучувам. Така, паралелно, покрај гимназијата, учев и средно музичко училиште. Оттогаш започна моето магично патување со харфата.

МАРИЛИ: Колку е тешко да се биде прв и да се трасира патот во изучувањето на овој инструмент за кој на почетокот сте немале ни литература? Како се одвиваше Вашата едукација?
ШУКРИ:
Да се биде прв, од една страна, е привилегија и голем предизвик бидејќи започнувате едно патување во неизвесност и непознато. Од друга страна, пак, станувате некаков експеримент на кој се учат сите околу вас. Во тоа време немаше никаков наставен план и програма по која ќе се изучува овој инструмент. Сѐ се одвиваше спонтано и со безброј проблеми. Најосновен проблем беше немањето инструмент во образовните институции, па така часовите по харфа и самото вежбање се одвиваше во Операта или во Филхармонијата. Наидував на безброј препреки, но мојата голема љубов кон харфата и упорноста ми помогнаа да ги надминам сите искушенија.
По завршувањето на моите студии во Скопје, заминав на специјализација во Париз, а постдипломските студии ги завршив во Белград.

МАРИЛИ: Постојано сте вработена во Македонската филхармонија, но секогаш се обидувате звуците на харфата да ги приближите до пошироката јавност, особено до децата. Во таа насока, познато е дека имавте музички настапи за аутистични деца бидејќи харфата има благопријатни звуци за кои од медицински аспект е докажано дека дејствуваат позитивно на здравјето, па дури во САД и во Холандија се користат и при разни медицински третмани. Кои се Вашите сознанија, каква е ситуацијата кај нас и дали ваквите настапи им помагаат на децата?
ШУКРИ:
Како харфистка се трудам колку што е можно повеќе да ја доближам харфата до слушателите преку солистичките и камерните концерти. Пред неколку години почнав и со едукација на деца на овој инструмент, со цел да имаат претстава како изгледа и звучи харфата. Но мојата мисија со харфата ја замислувам во еден похуман правец. Ние можеме да бидеме одлични професионалци во тоа што го работиме, но најважно е да го задржиме и да го негуваме хуманото во нас. Докажано е дека звуците на харфата благопријатно дејствуваат врз менталниот и психичкиот развој на човекот. Имено, го смируваат нервниот систем и дејствуваат медитативно.
За жал, кај нас овие третмани не се користат во медицината. Направени се неколку обиди со здруженијата што се занимаваат со проблемите на децата и со лицата со посебни потреби, аутизам и слично. На огромно изненадување, наидов на позитивни реакции од нив. Тоа се реки од емоции што не можат да ве остават рамнодушни. Мали нешта што ви будат неизмерна среќа и љубов во срцата.

МАРИЛИ: Колку е стар инструментот харфа, колкави може да бидат неговите габарити и колкава психофизичка подготвеност е потребна за да се музицира со него бидејќи, освен рацете, се користат и нозете?
ШУКРИ:
Харфата е еден од најстарите инструменти, потекнува од лакот и стрелата. Со текот на времето се менувале нејзината форма и можностите што ги нуди. Денешната форма на харфата датира од почетокот на 19 век. Таа изгледа како триаголник што лежи на еден од своите агли. Постојат мали или т.н. келтски харфи и големи што се делат на студиски, оркестарски и концертни харфи. Големите харфи имаат 46-47 жици што се разликуваат според боите. Така, тонот ДО е со црвена боја, а тонот ФА е со темносина. Овие харфи имаат седум педали во подножјето и тие се користат во текот на свирењето. Тие служат за хармонско менување на тоновите, односно за полустепени. Во споредба со другите инструменти, харфата е тивок инструмент што има прекрасен звук и богата палета на бои. Но за да се добие здрав и силен тон потребна е добра психофизичка подготвеност. Покрај рацете, учествуваат и нозете и затоа треба да има одлична координација меѓу нив во текот на свирењето.

МАРИЛИ: Вие потекнувате од музичко семејство каде што талентот и духовноста биле Ваше секојдневје. Сте свиреле и на пијано, но имате и други форми на уметничко изразување. Кои се тие?
ШУКРИ:
Уметничкото изразување секогаш крие некаква порака или емоција, а духовноста ја носиме во себе. И кога сето тоа ќе се измеша во вас, барате форма како да го споделите. Покрај свирењето, често знам да напишам некоја моја мисла, длабоко размислување или емоција од секојдневниот живот. Понекогаш знам тоа да го направам и на шеговит начин бидејќи сметам дека интелигентниот човек се препознава по начинот на кој ја кажува, односно ја прифаќа шегата.

МАРИЛИ: Колку духовноста што ја носите во себе Ви овозможува да ја препознаете и кај другите и колку нашиот народ е духовно талентиран, со оглед на големото културно богатство што го имаме во нашата традиција?
ШУКРИ:
Ние сме поднебје како еден мозаик чија убавина е во разновидноста. Имаме преплетување на различни вери, националности, историја и богатство од култури. Во сите нив ја барам само љубовта. Таа е единствен двигател кај секој од нас. Тоа е енергијата што се чувствува. Како што кажав претходно, духовноста ја носиме во себе - некој повеќе, некој помалку. Тоа зависи од нас самите, колку искрено сме отворени со срцата кон другите, колку ги имаме отфрлено предрасудите, колку сме начитани и колку гледаме со очите на љубовта. Убаво е да се негуваат традиционалните вредности, но не смееме да дозволиме нивно манипулирање и злоупотребување. Искрениот пристап полн со разбирање е вистинскиот пат.

МАРИЛИ: Која е Мерсиха Шукри приватно, како го минувате слободното време и колку хуманоста ја сметате за своја мисија?
ШУКРИ:
Мерсиха е млад човек што ги сака луѓето и учи од секојдневните случувања и комуникации. Сакам да се дружам со своите пријатели, да одам во кино или на некој концерт. Тука се и прошетките во природа што се вистинско уживање. Ги обожавам патувањата, тие секогаш носат нова и убава енергија, запознавање со нови луѓе, искуства. Спортувањето ми претставува еден вентил каде што можам да се ослободам од стресот и од напнатоста што се дел од секојдневјето.
Многу сакам да готвам и тоа го правам со најважниот зачин, љубовта.
Во онаа трка со обврски секогаш наоѓам време за моите најблиски, моето семејство. Секој миг поминат со родителите е вистински благослов и богатство.
Мојата мисија - човекот што ќе го погледам во огледало сакам кај другите да остави трага на среќа и исполнетост.

 

Содржината е прочитана 489 пати.