Мода

Раскош и безвременска убавина во новата колекција венчаници на „Елена Лука“ на Саемот на венчавки 2020

Во новата колекција венчаници се обединети актуелните тенденции за 2020 година со автентичниот дизајнерски израз карактеристичен за Елена Лука, доведувајќи ја целината до совршенство

понеделник, 24 февруари 2020

Викендов во хотелот „Александар палас“ во Скопје се одржа 10. Саем на венчавки на кој на идните младенци кои се подготвуваат за својата свадбена церемонија им беа претставени венчаници од повеќе домашни дизајнери и модни куќи.

Штандот на модниот бренд „Елена Лука“ шармираше со сиот свој раскош и безвременска убавина. Како сцена од бајка, во „белата соба“ на Елена Лука беа сместени маркантни и беспрекорно дизајнирани венчаници од модниот бренд, чија препознатливост е секогаш во уникатниот пристап при создаваењето на комплетната модна приказна.

„Новата линија на венчални фустани е вистинска магија, а во тоа ќе се уверат сите што ќе имаат можност да не посетат. Тимот на ’Елена Лука’ ќе им биде на располагање за сите детали што ќе ги интересираат, а не се сомневам дека токму потписот на ’Елена Лука’ ќе стои на венчаницата која ќе биде нивниот совршен избор. Во нашата ’бела соба’ секоја венчаница е свој посебен свет, носи уникатен карактер и токму тоа е нашиот препознатлив дизајнерски код“, рече Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на „Елена Лука“ на отворањето на Саемот.

Во новата колекција венчаници се обединети актуелните тенденции за 2020 година со автентичниот дизајнерски израз карактеристичен за Елена Лука, доведувајќи ја целината до совршенство.

Богатата понуда вклучува авангардни венчални фустани изработени од луксузни материјали, со рачно декорирани детали, елегантни венчаници во лелеави кроеви, романтични со здолниште во А крој, па се до модели кои се водечки тенденции како оние со асиметрична линија или венчаниците кај кои акцентот е на карнерите. Секоја венчаница е со свој специфичен сензибилитет во кој се обединети елеганцијата, авангардната естетика и уникатниот дизајн, сон на секоја невеста
 
Содржината е прочитана 694 пати.