Интервјуа

Следна цел ни е да го пречекаме три-милионитиот патник на скопскиот аеродром

Интервју со Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија во кое говори за регионалната промоција на двата македонски аеродрома минатата година од што резултатот е повеќе патници од сите соседни земји, за очекувањата што ќе ги донесе членството во НАТО, како и за плановите за развој на мрежата дестинации како од скопскиот, така и од охридскиот аеродром

четврток, 13 февруари 2020

МАРИЛИ: Аеродромите во Скопје и во Охрид минатата година се меѓу најбрзо растечките аеродроми во светот, но исто така и меѓу водечките земји кои не се членки на ЕУ. Кажете ни малку повеќе за тоа колку се зголеми патничкиот сообраќај во Скопје како најбрзорастечка категорија во главните градови на не-ЕУ земји и за охридскиот аеродром во групата на мали аеродроми?
ЕРСОЈ:
2019 беше една многу успешна година за ТАВ Македонија, во однос на порастот на бројот на патници на аеродромите во Скопје и во Охрид. Имавме вкупно 2,7 милиони патници (2.677.618) на двата аеродрома со пораст од 14% на годишно ниво.
Двата македонски аеродрома беа рангирани од страна на Меѓународниот Совет на Аеродроми (Airports Council International) меѓу најбрзорастечките аеродроми ширум светот, како и во групата на земји што не се членки на ЕУ во август 2019 година со 17,8% пораст на бројот на патници; дополнително, македонскиот авијациски пазар беше забележан како еден од најбрзорастечките пазари кои не се членки на ЕУ со 16,5% пораст на бројот на патници во септември 2019 година, додека oхридскиот аеродром беше забележан како еден од најбрзорастечките аеродроми во својата група според големината во третиот квартал од 2019 година со 53,8% зголемување на бројот на патници.
ТАВ Македонија е дел од глобалната групација ТАВ Аеродроми, која оперира со 14 аеродроми, а заедно со Aéroports de Paris (ADP), нашиот француски партнер, со вкупно 29 аеродроми ширум светот. Ова носи многу предности за развојот на македонските аеродроми, особено во маркетинг-активностите за промоција на двата македонски аеродрома, нешто многу важно за пазарите во развој каков што е македонскиот . ТАВ опслужува 200 авиокомпании и тур-оператори ширум светот, со кои имаме многу добри деловни односи. Тоа ја олеснува нашата комуникација со нив, при промовирање на аеродромите во Скопје и Охрид на авијациите и туристичките саеми и во рамките на вкрстените маркетинг активности - значи дека кога ги промовираме аеродромите во Скопје и Охрид тоа го правиме во пакет со некои од другите ТАВ аеродроми. Во овие активности, секогаш ги промовираме не само аеродромите во Скопје и во Охрид, туку и Македонија како туристичка дестинација.
Севкупно, многу сме задоволни со бројките за воздушниот сообраќај кои се резултат на добрата соработка што ја имаме со Владата, како и со сите засегнати страни во авијацијата – Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, полиција, царина и сите авиокомпании како наши клиенти. Ќе продолжиме да работиме заеднички за проширување на мрежата на дестинации како и за подобрување на нашите услуги.

МАРИЛИ: Намерата е Меѓународниот Аеродром Скопје да стане главен аеродромски центар во регионот. Кои се шансите за такво нешто, колку дестинации има во моментов од скопскиот аеродром?
ЕРСОЈ
: Споменатите стапки на пораст на бројот на патници се постигнати како резултат на постојаниот развој на мрежата на дестинации од аеродромите во Скопје и во Охрид. Во 2019 година ТАВ Македонија додаде 4 нови дестинации од скопскиот аеродром (Бремен, Баден-Баден, Турку и Ларнака). Осум нови дестинации беа додадени од охридскиот аеродром - Меминген, Дортмунд, Милано и Малме (редовни дестинации преку целата година), како и Штутгарт, Дизелдорф, Мастрихт и Адана (сезонски дестинации).
Скопскиот аеродром моментно опслужува 44 дестинации, управувани од 13 авиокомпании. Охридскиот аеродром опслужува 22 дестинации, од кои 8 се редовни во текот на целата година и 14 сезонски, исто така управувани од 13 авиокомпании.
Во 2019 година ставивме посебен акцент на регионалната промоција на двата аеродрома во Македонија со цел да привлечеме повеќе патници од најблискиот регион и тоа веќе даде резултати. Имаме повеќе патници од соседните земји. Охрид, исто така, стана атрактивен аеродром за својата гравитациска област, бидејќи опслужува нови и повеќе директни дестинации. Така, сметаме дека сме на вистинскиот пат да го позиционираме Меѓународниот Аеродром Скопје како главен центар на воздушниот сообраќај во регионот.

МАРИЛИ: Како ја заврши ТАВ Македонија 2019 година, очекувате ли нови рекорди оваа година?
ЕРСОЈ:
Една од најголемите пресвртници за ТАВ Македонија што се случи во декември 2019 година е постигнатиот број од 300.000 патници на Аеродромот Свети Апостол Павле во Охрид. Тоа е извонредно зголемување од 8 пати (815%) на патничкиот сообраќај на аеродромот во Охрид за 10 години, откако ТАВ влезе на македонскиот пазар. Во 2009 година, на аеродромот во Охрид имаше само 36.652 патници.
Стигнавме до 2 милиони патници на Меѓународниот Аеродром Скопје во 2018 година, имаме двоцифрено зголемување на бројот на патници во 2019 година и очекуваме зголемување од 6% до 7% во 2020 година.

МАРИЛИ: Сите овие бројки се резултат на напорите на ТАВ Македонија и ТАВ Аеродромите за развој на авиокомпанијата, но и за привлекување нови авиокомпании. Сето ова за возврат придонесува за промовирање на Македонија како туристичка и деловна дестинација. Кои се вашите планови за иднината, на што ќе се фокусирате, особено со оглед на членството на Северна Македонија во НАТО?
ЕРСОЈ:
Членство во НАТО дефинитивно ќе има позитивно влијание на порастот на патничкиот сообраќај на аеродромите. Во секој случај, ние ќе продолжиме да работиме на развојот на мрежата на дестинации од скопскиот и од охридскиот аеродром, а нашата мајка компанија – ТАВ Аеродроми ќе продолжи со силната поддршка што ни ја дава во делот на промовирањето на двата македонски аеродроми.
Нашата следна пресвртница е да го пречекаме 3-милионитиот патник на скопскиот аеродром.

МАРИЛИ: Постојано настојувате да ги исполните очекувањата на патниците, досега се направени многу работи, особено на скопскиот аеродром. Што останува да се направи, што досега не е сторено и на што инсистираат патниците?
ЕРСОЈ:
Нашите напори за развој на мрежата на дестинации низ годините создадоа 4 пати поголем патнички сообраќај на аеродромите во Скопје и во Охрид, како резултат на големиот број нови директни линии што ги отворивме. Од 638 илјади патници во 2010 година, 2019 ја завршивме со 2,7 милиони патници. Во исто време воведовме нови услуги, како што се автобус за патници од Аеродромот во Скопје до градот Скопје, бесплатен Wi-Fi, автоматизирана наплата на паркинг, киоск за само-регистрација,а најновата услуга се е-порти инсталирани во зоната за предпристапна контрола на аеродромот во Скопје, што ќе им овозможи на патниците со рачен багаж кои извршиле онлајн регистрација, директно да се упатат кон пасошката контрола. 

Се надеваме дека во февруари 2020 година ќе почнеме со градежните работи за две простории за пушење во контролираната зона, по пасошката и безбедносната контрола. Нашата сестринска компанија АТУ работи на создавање нови брендови со цел да се зголеми разновидноста на производите во бесцаринските продавници.

МАРИЛИ: Како дел од највисокото раководство на ТАВ Македонија, вие сте долго време во Скопје. Како се чувствувате, дали се уште сте целосен странец, или можеби дури и граѓанин на оваа земја, имате ли македонски пријатели со кои го поминувате слободното време?
ЕРСОЈ:
Живеам во Скопје повеќе од 10 години, од 2008 година, заедно со семејството. Оженет сум и имам два сина, на возраст од седум и 12 години. Вториот син ми е роден во Скопје. И двајцата се воспитани и образовани во овој град. Сите сакаме да живееме во Македонија. И бидејќи уживаме во нашите животи овде, таа стана мој втор дом. Луѓето во Македонија се добри и гостопримливи и затоа не ми беше тешко да се стекнам со македонски пријатели со кои често се дружам.
Станав државјанин на Македонија и горд сум што имам државјанство на оваа земја затоа што моите корени се од Балканот. Таткото на баба ми е од Демир Хисар, Македонија, а таткото на мојот дедо е од Кукуш, Грција. Мислам дека ова е уште една причина зошто секогаш се чувствувам како да сум дома од првиот ден кога се преселив овде.

 

 

Содржината е прочитана 1076 пати.