МАКЕДОНИЈА

ТЕ-ТО со долг од 1,3 милијарди денари е најголем должник кон УЈП

УЈП ја објави листата за долгови доспеани до 31.10.2019 и неплатени до 31.01.2020 година. Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини

четврток, 13 февруари 2020

Со вкупен долг од 1,3 милијарди денари ТЕ-ТО е на врвот на листата на должници што ја објави УЈП за долгови доспеани до 31.10.2019 и неплатени до 31.01.2020 година. Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

Втор најголем должник е компанијата „Ел дон кастило“ со долг од 470,9 милиони денари, а на трето место е фирмата „Индустрија Ел азтека“ со долг од 470,3 милиони денари.

На листата има и неколку јавни претпријатија. Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти должи 51 милиони денари, Македонската радио телевизија должи 15,1 милиони денари, додека фудбалскиот клуб Вардар има долг од 22,6 милиони денари.

На листата на должници бр.02/2020 објавени се 2.071 правни и 2.529 физички лица. Овие бројки споредени со оние од претходната листа покажуваат дека расте бројот на должници. Така во оваа листа има 76 повеќе правни, а 14 повеќе физички лица.

Пропорционално на зголемениот број должници се зголемува и висината на долгот. Вкупно објавениот нето долг во листата бр.02/2020 изнесува 10.195.548.760 денари, што е за 189.116.316 денари повеќе од претходната листа. Зголемен е и нето-долгот за даноци и придонеси кој сега изнесува 10.010.296.594 денари (за 156.322.034 денари повеќе од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 185.252.166 денари и е за 32.794.282 денари повеќе од претходно.
 

Содржината е прочитана 65 пати.