Бизнис вести

МЕПСО потпиша договор за инвестиција од 35 милиони евра за енергетско поврзување со Албанија

Едниот договор е со фирмата „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина за изградба на 400-киловолтен интерконективен далекувод со кој земјава ќе се поврзе со Албанија, а другиот е со хрватската компанија „Кончар“ за изградба на нова 400/110 киловолтна трафостаница во Охрид

петок, 07 февруари 2020

Компанијата МЕПСО денеска потпиша два договора во вкупна вредност од 35 милиони евра за енергетско поврзување со Албанија. Едниот договор е со фирмата „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина за изградба на 400-киловолтен интерконективен далекувод со кој земјава ќе се поврзе со Албанија, а другиот е со хрватската компанија „Кончар“ за изградба на нова 400/110 киловолтна трафостаница во Охрид.

Парите се обезбедени со кредит од ЕБОР и грант на Инвестицискиот фонд на Запден Балкан.

Како што појасни генерлната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева, за првиот проект се обезбедени 17,22 милиони евра од ЕБОР, додека новата трафостаница во Охрид и проширувањето на трафостаницата Битола 2 што ќе ги гради „Кончар“ од Загреб ќе чини 16,95 милиони евра, обезбедени, исто така од ЕБОР.

Со ова практично почнува со реализација еден од најголемите енергетски проекти во земјава. Со тоа, како што истакна премиерот Оливер Спасовски, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток-запад, што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија.

Во целиот овој процес МЕПСО е клучна за соодветна енергетска инфраструктура за да се обезбеди квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството.

„Договорите за изведба на двата исклучително значајни капитални проекти се реализација на стратешките определби на МЕПСО, како национален електропреносен систем оператор, чија задача е во континуитет да обезбедува доверлив и стабилен систем, баланс меѓу потрошувачката и производството на електрична енергија во секој момент. И тоа да го усогласуваме со соседните систем-оператори. Регионалното поврзување на електропреносните системи е долгорочен стратешки интерес за секоја држава. Врските со соседите значат електроенергетска стабилност и основа за секоја просперитетна економија. Нашата работа е токму тоа“, нагласи првиот човек на МЕПСО, Шуклева.


 

Содржината е прочитана 249 пати.